Јовановиќ - Како уметник мислам дека е битно да се провоцира

Ѓорѓе Јовановиќ, визуелен уметник.

„Хашиш“ е насловена графичката новела чиј автор е визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ и која, како седмо издание на новата едиција за алтернативен стрип „Лифт“ на издавачката куќа „Темплум“, се појави неодамна.

Ова е моја прва графичка новела или стрип, како сакате, и таа е настаната како плод на едно долгогодишно другарување и соработка со издавачот Никола Гелевски од „Темплум“. Ги следев и ги купував изданијата што тој ги публикуваше во средината на 1990-те, всушност списанието за алтернативен стрип „Лифт“. Многу често соработувавме и за списанието „Маргина“ кадешто правев корици и илустрации, потем следуваа и бројни изложби...Како и да е, Никола минатата година ја започна новата едиција на „Лифт“ и на негова покана поради структурата и можноста тој да се преточи во форма на графичка новела зедов да го работам текстот „Хашиш“ од Анри Мишо.

Вака визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ ќе го стори воведот во својата актуелна творечка авантура. Иако, тоа во неговиот случај е релативна работа оти неговиот немирен дух го води од медиум во медиум притоа оставајќи делови од своето авторско кредо како сувенири низ времето во кое битисува. Така, само на пример, промоцијата на графичката новела „Хашиш“ беше следена и со двонеделна изложба ( од 12 до 26 октомври) во Белата галерија на МКЦ – Скопје каде покрај селекцијата од 40 цртежи беа претставени и видео материјали за целиот процес од работата на публикацијата. Но, тоа и не е сè бидејќи Јовановиќ не многу потоа со тајфата „свирачи“, овојпат како ЗВУК КАРАЏИЌ, со импровизации го исполнија „Планетариумот“ на истата институција, а не би требало да чуди ако неговото име наново не го видите во најавите за некој нов културен настан.

Но, да се вратиме на сторијата за „Хашиш“. Ѓорѓе појаснува дека нему Анри Мишо му бил познат како автор. И како поет и писател, но и како ликовен уметник. Дека имал можност да ги види во живо неговите ликовни дела. Појаснува дека тој не е директен претставник на надреализмот, но е уникатен пример на „надреализам надвор од надреализмот“, а надреализмот нему му бил близок уште од средношколските денови во Уметничкото училиште.

„Сето тоа беше резултат баш на еден долгогодишен процес. Кога работите со некој подолго време тогаш си ги знаете сензибилитетите и предлозите што доаѓаат помеѓу соработниците се резултат на взаемно познавање на афинитетите, вкусовите, светогледите ...Така некако се случи и оваа соработка со Гелевски и со Мишо и неговиот текст, односно делот од една поголема книга која е целосно посветена на неговото експериментирање со дрогите, со мескалинот и хашишот“, вели уметникот.

.

​Јовановиќ дополнува дека тој негов текст не е сувопарен дневник за авторовите искуства во експериментирањето со дрогите кое е присутно кај низа уметници. Од таму вели дека што се однесува до самата тематика „таа би можела да биде контроверзна, кај нас повеќе отколку во светот, бидејќи тоа е една релација која постои децении и децении, ако не и столетија наназад“.

Како уметник мислам дека е битно да се провоцира. Треба да се понудат и некои приказни и теми кои луѓето не очекуваат од прва дека ќе ги сретнат. Од друга страна мислам дека кај нас авторите премногу се фокусирани само на одреден број теми. Мислам дека постои потреба од поголемо проширување на спектарот на теми и интереси“, потенцира Ѓорѓе.

А, бидејќи работел на зададен текст вели дека морал да се раководи од него, бидејќи со издавачот ја одбрале оваа форма на графичка новела.

Графичка новела повеќе отколку стрип, затоа што таа е повеќе екпериментална. Ја нема класичната наративна линија. Самиот текст е напишан во некакви фрагменти, како некаков дневнички запис, па затоа за мене беше битно да не го илустрирам онака бегло текстот. Нормално јас се водев по текстот, но се трудев што е можно повеќе да дадам еден мој личен поглед на него и да го поврзам со работи што ми се битни мене, а сепак сите тие инспирирани од текстот“, ќе рече Јовановиќ.

Тој не крие дека долго време, цели девет месеци, работел на оваа книга и дека многу уживал во нејзината подготовка. Дека се случувало во еден ден да изработи еден до два цртежи и некако целиот тој процес толку го повлекол што посакал покрај книгата и промоцијата на публиката да и покаже како се презентира стрип.

„Ми беше битно да понудам една друга визура за тоа како се презентира стрип. А, посебно затоа што овдека не се работеше за класична форма. Овој стрип дефинитивно не е работен низ класичниот формат на цели табли, туку работен е во парчиња, во фрагменти. Прво се исцртани, потоа скенирани и обработувани на компјутер, колажирани и колорирани...и сето тоа ми беше битно и интересно на изложба да и го презентирам на публиката“, смета авторот.

Конечно Јовановиќ и со констатација дека никогаш не сака да се затвора во еден медиум. Дури вели дека затоа и понудата ја прифатил со раширени раце, иако зад себе веќе има неколку авторски стрипови од кои само дел се објавувани и тоа како единечни табли во некогашниот „Студентски збор“.

„Ме интересираат различни медиуми и не сакам да се затворам во еден медиум. Ова беше една нова страница во тоа што го работам и тоа е добро бидејќи на тој начин некако влегувате со една нова енергија. Со една подруга желба за истражување. Некогаш работејќи само во еден медиум може да биде и фрустрирачки. Опасноста за повторување, таа некоја репетитивност е поголема а мене како автор тоа најмногу ме ужаснува. Секогаш сакам да си задавам некои нови предизвици, некои нови форми бидејќи и таа трансформација ми е многу битна“, категоричен е визуелниот уметник.

И, чисто како мало потсетување. Роден 1980 година во Скопје, Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности. Досега има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграција и дезинтеграција на современиот човек. Во своите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Во творештвото на Јовановиќ присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето нови вредности.

Јовановиќ самостојно изложувал во Скопје, Белград, Њујорк и Грац, а за муралот „Каде плови овој брод?“ беше добитник на наградата за најуспешен автор и дело на 10-тото Биенале на млади уметници што се одржа во мај 2014 година.