Бура од реакции по одлуката на Собранието да ги почне уставните измени

Опозицијата одбива да седне за време на гласањето за пристапување кон уставни измени

Високи претставници на меѓународната зедница ја поздравија одлуката на Собранието за почеток на уставните измени и порачаа дека со таа одлука Македонија е чекор поблизу до евроатлантската заедница.

По синоќешното гласање на пратениците во Собранието за почеток на уставните промени не стивнуваат реакциите дома и од надвор, од претставниците на меѓународната заедница.

Премиерот Зоран Заев на прес - конференција, која ја одржа доцна синоќа во Собранието, денот го нарече историски. Оцени дека одлуката на пратениците ја следела волјата на граѓаните изразена на референдумот.

Сакам да им се заблагодарам на овие храбри пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција кои го ставија интересот на државата и на граѓаните над партиските интереси и покрај непотребниот политички притисок од страна на нивното партиско раководство”, рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, соопшти дека извршниот комитет на партијата донел одлука да ги исклучи од партијата седумте нивни членови кои вечерва гласаа за пристапување кон уставните измени. Мицкоски ги наброја пратениците Елизабета Канческа Милевска, Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска Старова, Љубен Арнаудов и Зеќир Рамчиловиќ.

„Волјата од референдумот беше погазена од две третини, но и осуммина пратеници кои тргнаа против волјата на граѓаните. На ова претходеа силни притисоци и закани, ослободување од обвиненијата кои се политички прогон”, рече Мицкоски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети им се заблагодари на 80-те пратеници кои вчера гласаа за отпочнување на постапка за уставни измени и воедно ги повика останатите опозициски пратеници кои, според него, синоќа сакале да гласаат „за“, но немале доволно храброст, да им се придружат во понатамошната постапка.

„Тие 80 пратеници што гласаа за, но и тие кои што се воздржаа од гласање, знаат многу добро дека само овој пат ни носи стабилен мир, добри меѓуетнички и добрососедски односи, системски реформи, правна држава и владеење на правото, еднаквост и заокружување на Охридскиот Договор, економски развој, повеќе работни места, странски и домашни инвестиции и општествена благосостојба“, изјави Ахмети.

И Социјалдемократскиот Сојуз преку соопштение до јавноста оцени дека патот кон НАТО и ЕУ е чист, а за тоа најголема заслуга имаат граѓаните, но и 80-те пратеници во Собранието на Република Македонија.

„Македонија одбра да продолжи по патот на интеграција и сојузништво. 80 пратеници слободно и по сопствено убедување гласаа за иднина во ЕУ и НАТО. Надлежните институции имаат обврска да ги заштитат пратениците од сите закани и притисоци кои ги прават Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ”, се вели во соопштението од СДСМ.

Позитивни реакции за одлуката на парламентот од меѓународната заедница

Генералниот секератар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја поздрави одлуката на македонското Собрание да се пристапи кон измена на Уставот согласно Договорот од Преспа.

„Го поздравувам гласањето на Парламентот во Скопје за предложените уставни измени. На владините и политичките лидери е да ги завршат националните процедури за спогодбата за името и да ја искористат оваа историска можност да ја доведат земјата во НАТО”, напиша Столтенберг на својот твитер профил.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан преку заедничка изјава ја поздравија одлуката на Собранието за пристапување кон измена на Уставот.

„Парламентот на поранешната југословенска Република Македонија направи многу важен чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор преку гласањето за започнување на процедурата за уставни измени. Сега очекуваме националните процедури за спроведување на договорот да продолжат без одложувања, кон усвојување на уставните измени”, се наведува во заедничката изјава.

И претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и го честиташе на Македонија усвојувањето уставни промени, порачувајќи дека Македонија со таа одлука е чекор поблизу до евроатлантската зедница, а со слична порака се јави и известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл и европратеникот Едуард Кукан.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на својот профил на социјалната мрежа Твитер му честита на својот македонскиот колега Зоран Заев за обезбедената поддршка за спроведување на Договорот од Преспа во Собранието.

„Честитки, пријателе мој, Зоран Заев! Вечерашново гласање е голем чекор кон нашиот заеднички успех. Мошне важен чекор кон мирна и просперитетна иднина за нашите народи!”, напиша Ципрас.

Грчкиот министер за одбрана пак Панос Каменос синоќа на Твитер објави реакција во врска со гласањето на уставните измени во македонското Собрание.

„Кој би помислил дека во европскиот систем на вредности и демократија тие што не гласаат според наредбите се затворани, а послушните добиваат бонуси од два милиони евра црни пари. Засрамен сум”, објави Каменос на Твитер.

Со реакција се јави и медијаторот во спорот со името Метју Нимиц. Тој порача дека ова е особен напредок не само за нашата земја, туку и за регионот и Европа и додаде дека особено бил воодушевен од тоа како демократскиот систем функционирал ефективно и одговорно, како и од демократскиот дух на граѓаните.

Американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли на фејсбук напиша дека „пратениците од сите партии покажаа храброст и лидерство со тоа што се здружија за да помогнат да се обезбеди место на Македонија на Западот, во НАТО и во ЕУ“.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц го поздрави постигнатиот договор во македонскиот Парламент.

„Тоа дава силен ветар в грб на напорите за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија следната година“, наведе Курц во соопштение.

И државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот го поздрави синоќешното гласање во македонскиот Парламент истакнувајќи дека надвладеале државните наместо партиските интереси.