Топлификацијата на Битола повторно влегува во игра

Постројка за одземање пареа во РЕК Битола

СДСМ порано го критикуваше проектот за топлификација на Битола, но сега, откако дојдоа на власт, продолжуваат со проектот и велат дека не може да се откажат поради меѓународен договор што го склучила поранешната власт.

Во следниот период Битола ќе треба да се гасифицира и да се направи топлификација. Гасификацијата е еден од капиталните проекти кои ги најави сегашната власт предводена од СДСМ, а топлификацијата на голема врата ја најавуваше претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а тогашната опозиција ја критикуваше како неисплатлива и скапа.

По најавите дека сепак, во општината ќе се реализираат двата начини за затоплување на фирмите и домаќинствата, од ВМРО-ДПМНЕ прашаа до каде е гасификацијата што власта ја најавува од лани и зошто сега се зафаќаат и со проектот на топлификација, кој толку многу што го критикуваа.

„Кажевте дека во 2018 година ќе започне реализацијата на проектот за гасификација, при тоа со изработка на идеен проект за секундарна мрежа и формирање на јавно претпријатие, со што од буџетот се пофалија дека издвоија 15 милиони денари. И навистина средствата се издвоени, но во овие осум месеци има поништување на две постапки за јавна набавка, а од скоро време вели дека сега ќе се работи и на гасификација и на топлификација. Проект за кој кажавте дека е економски неисплатлив, проект за кој беа обезбедени 39 милиони евра за сега да слушнеме дека ќе работите и на гасификација и на топлификација“, рече Иванчо Тошевски, локален лидер на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

Од Општина Битола одговорија дека не можат да се откажат од топлификација поради меѓународен договор што во 2015 година бил потпишан од тогашните власти, ЕЛЕМ и КФВ банката за обезбедување заем од 39 милиони евра за изградба на систем за Битола, Новаци и Могила.

Градоначалничката Наташа Петровска рече:

„Затоа што се работи за меѓународен договор, обврските кои се преземени од претходната Влада мора да се реализираат. И понатаму стоиме на ставот дека топлификацијата е премногу скапа инвестиција за мала општина како што е Битола, но како и во многу други случаи, товарот оставен од претходниците особено ако е со договори од меѓународен карактер мора да се носи“, одговори Петровска.

Таа додаде дека гасификацијата ќе ја спроведува Општина Битола, а топлификацијата ЕЛЕМ.

Премиерот Зоран Заев деновиве при посетата на Битола рече дека градот ќе се затоплува на двата начини, а гас ќе добие до следната година.

„Од МЕР и економските сектори знам дека во 2019 година цевките ќе бидат во Битола. Делот на гасификацијата на Битола е важен сегмент, бидејќи ќе ги намали севкупните трошоци на компаниите, посебно на оние кои како енергенси користат нафта, струја, но важен е и еколошкиот аспект. Делот на заштедите во компаниите кои ќе користат гас ќе биде 27 проценти. Битола веројатно ќе биде еден од ретките градови што ќе има две опции на загревање, едното преку топлинска енергија, а другото преку гасоводот“, рече Заев.

Претходната власт десет години најавуваше дека ќе воведе топлификација во Битола, користејќи топлинска енергија од РЕК. Во комбинатот изведоа и реконструкција на турбините на два термоблока за регулираното одземање на пареата, но инфраструктура не се извади надвор од комбинатот. Постоеја и мислења дека ова е проект без долга иднина бидејќи работниот век на РЕК е при крај и дека еден од блоковите наместо струја ќе треба да произведува топлинска енергија за да се топлифицира градот.