СЈО отвори шест нови истраги- опфатени Бујар Османи, Зоран Ставрески, Игор Јанушев

Архивска фотографија- Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство

Специјалното јавно обвинителство соопшти дека отвориле шест нови истраги. Како што наведуваат во соопштението, во различни истраги се опфатени и актуелниот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи, поранешните министри Миле Јанакиески и Зоран Ставрески, екс премиерот Никола Груевски и други.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите денеска соопшти дека се отворени шест нови истраги. Во овие истраги станува збор за основано сомнение за предизвикана финансиска штета на Буџетот на РМ во износ од речиси 80 милиони евра, наведува СЈО.

Подарок

Во првата истрага именувана како „Подарок” осомничени се поранешните министри за финансии и за транспорт и врски Зоран Ставрески и Миле Јанакиески за учество во дејствие на извршување заедно со осомничениот Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година. Според СЈО тие со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ 2.008.877.000,00 денари, односно близу 33 милиони евра и во истиот износ нанеле штета на Буџетот.

Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија. Според СЈО тие претходно имале студија за чинењето на делница Клечовце – Штип, а иако свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна ја прифатиле.

Пропаганда

Во истрагата именува како „Пропаганда“ опфатени се девет лица, информира СЈО, наведувајќи ги имињата на Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис. За нив, соопштуваат од СЈО, имало основано сомнение за сторени кривични дела - злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ”, наведуваат од СЈО.

Според нивното соопштение на чело на „злосторничко здружение бил Груевски кој, заедно со осомничените Божиновски и Мисајлоски создале група што имала за цел вршење на кривични дела против службената должност.

„Делувањето на групата било во две насоки и тоа: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање на локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ”, наведуваат од СЈО.

За таа цел во периодот од 2010 до 2015 година од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ.

Дизајн

Во истражната постапка во случајот „Дизајн“ опфатени се четири службени лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ на РМ, наведуваат од СЈО.

Обвинителство пишува дека има основано сомнение декаво периодот од 2009 и 2010 година, осомничениот Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, осомничената Снежана Филиповска Павлеска како претседател на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а осомничените Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска- Атанасова, како членови на комисијата за спроведување на јавни набавки, на двокатни автобуси за град Скопје, формирана од министерството, ги искористиле своите службени положби и овластувња и за економскиот оператор Јутонг од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи му штета на буџетот на Р.М. во износ од 5.000.000 евра.

Хармонија

Во истражна постапка во случајот „Хармонија“ опфатени се три службени лица, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

„Постои основано сомнение дека во 2012 година осомничените Никола Груевски, претседател на Владата, Миле Јанакиевски, министер за транспорт и врски и Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен Меѓународен Балкански Универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра”, наведуваат од СЈО.

Од таму тврдат дека од доказите произлегува дека Груевски, поради блиски пријателски врски со лица од Република Турција им помогнал на сопствениците да се стекнат со две градежни парцели на атрактивно земјиште во северниот дел на касарната Илинден, по нереално ниска цена од само 71 денар по м2, наспроти предвидената почетна цена од 1400.00 ден по м2.

Базни станици

Во истражна постапка во случајот „Базни станици“, опфатено е едно лице поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба. Од обвинителството пишуваат дека според доказите, во текот на 2011 година осомниченииот Жарко Луковски, тогаш главен извршен директор на Т-мобиле Македонија АД, со искористување на положбата и овластувањето, на ДГ Бетон АД Скопје му прибавил значителна имотна корист од 3.522.400 евра. Воедно, на акционерите на Т-мобиле Македонија, меѓу кои е и државата, им нанел штета во висина на приходот од неоствареното право на дивиденда.

„Имено, осомничениот, со цел легализација на дивопоставени базни станици, инаку предвидено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, во април 2011 година побарал финансиска понуда од ДГ Бетон за таа компанија за компанијата Т-мобиле Македонија да ја заврши постапката за утврдување на правниот статус на нејзините базни станици, иако Т-мобиле Македонија поседувал соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици и тоа во износ од по околу 3.000 евра по објект. Нагласуваме дека ДГ Бетон како правно лице претходно никогаш нема давано услуги од овој вид, а во фирмата постоел само еден вработен со соодветното работно искуство”, наведуваат од СЈО.

Во соопштението пишуваат и дека ДГ Бетон се стекнал со имотната корист од над 3,5 милиони евра, додека акционерите, меѓу кои и државата претрпеле штета во приходи од неостварена дивиденда.

Пациент

Во истрагата кое се води под името „Пациент“ постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ државата. Во истрагата се вклучени 15 лица, меѓу кои и еден поранешен министер за здравство, информираат од СЈО.

„Постои основано сомнение дека во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка бр 02/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија”, наведуваат од СЈО:

Според нив осомничените членови на комисијата, го фаворизирале понудувачот ГБС – Благоевград, и покрај тоа што знаеле дека овој понудувач не ги исполнувал условите од тендерската документација, односно не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а во предмер пресметките кои се составен дел на понудите, не направиле ниту точен збир на податоците, поради што не утврдиле дека понудата на Ингра Загреб е за 637.303,00 денари поевтина од онаа на ГБС Благоевград.

СЈО тврди дека иако сето ова му било познато и на министерот за здравство, тој не го одбил предлогот туку донел решение и ја избрал понудата на ГБС Благоевград како најповолна, и покрај тоа што вредноста на понудата е поголема од проценетата вредност по јавната набавка и на правниот субјект му овозможил имотна корист во износ од 21.604.150,59 денари. Од таму наведуваат и дека различни лица во различни периоди причиниле штета на буџетот при изградба и реконструкција на ЈЗУ „Општа болница Охрид“, ЈЗУ Клиничка болница Тетово и ЈЗУ ГАК Чаир.