Достапни линкови

СЈО бара затвор за Јанкулоска, таа смета дека веќе била осудена


Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Кривичниот суд во завршните зборови во предметот на СЈО „Тенк“.
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Кривичниот суд во завршните зборови во предметот на СЈО „Тенк“.

СЈО бара осудителна пресуда за поранешната министерка Јанкулоска, таа, пак, тврди дека не е виновна. Пресудата за Јанкулоска во предметот Тенк се очекува на 8 октомври. Во меѓувреме, можноста за застарување на кривичното дело виси во воздух, поради роковите за жалба во Апелација.

Не сум учествувала во јавната набавка за која ме терети СЈО, рече денеска во завршните зборови поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на судското рочиште во Основниот суд Скопје 1 за предметот познат во јавноста како „Тенк“. Таа низ солзи посочи дека стравува од пристрасност на Судот затоа што не и овозможил породилно отсуство и затоа што Судечкиот совет веќе ја сметал за виновна уште при изрекувањето на пресудата за другите обвинети во предметот.

Од друга страна, пак обвинителот од Специјалното јавно обвинителство Стевчо Донев, побара да биде прогласена за виновна обвинетата Јанкулоска поради злоупотреба на службена должност.

Според обвинителката Фатиме Фетаи, Јанкулоска го поттикнала поранешниот заменик министер Ѓоко Поповски да му ја исполни желбата на поранешниот премиер Никола Груевски и да состави набавка според спецификациите на автомобилот „Мерцедес ес 600 гардсо цел отфрлање на останатите конкурентни компании кои би можеле да понудат поевтино блиндирано возило. Фетаи побара и затворска казна за Јанкулоска.

Јанкулоска во судницата денеска беше сама со своите адвокати, затоа што за неа се водеше одвоена постапка и почна кон крајот на август годинава откако обвинетата се породи.

Апелација наскоро со одлука за Груевски и Поповски

За овој предмет Груевски беше осуден на две години затвор поради поттикнување на кривични дело при набавка на мерцедесот, а Поповски за сторена службена злоупотреба од Судот доби шест ипол години затвор. Нивната одбрана поднесе жалба до Апелационен суд за пресудите. Одлуката по нивните жалби се уште не е донесена и може да се очекува овие денови, велат за Радио Слободна Европа оттаму.

Додека се чекаат одлуките од Апелација, обвинителството и одбраната и натаму се натегаат околу опасноста од застареност на делото. Правниците, пак, објаснуваат дека Апелација е таа што ќе пресече, дали Груевски ќе оди во затвор или не, односно дали ќе овозможи да застари кривичното дело. Правните опции се судот да ја потврди казната и Груевски да има шанса да бара да бара вонреден правен лек или да ја намали на помалку од една година, по што правна можност отпаѓа. Но доколку пресудата се укине, односно се уважи жалбата на одбраната поради како што велат прекршување на правото, тогаш ќе следува период во кој СЈО ќе може да поднесе жалба, па ќе треба да се врати на повторно разгледување во првостепен суд, по што може да настане застарување на кривичното дело.

Според ставот на СЈО кривичното дело наведено во обвинението застарува кон крајот на овој месец. Обвинителот Гаврил Бубевски, пак, неодамна изјави дека очекува Апелација да ја потврди пресудата од првостепениот суд. Тој вели дека доколку хипотетично дојде до намалување на казната под една година, Груевски не би имал право на вонреден правен лек.

„Меѓутоа имајќи в предвид дека казната кон Ѓоко Поповски е многу повисока и тој има право да го поднесе сетоа тоа, и не верувам дека доколку се реши Судот само за намалување на казната затоа што и законски не може да оди на помалку од три години за Поповски, тој би имал можност да бара вонреден правен лек од Врховниот суд. Во тој случај доколку таквите наводи држат и Врховниот суд утврди дека тие држат а истите наводи може да имаат импликации и врз Никола Груевски, Врховниот суд ќе може да ја укине пресудата и за него“, изјави Бубевски.

Правниците објаснуваат дека одлуката што ќе ја донесе Апелациониот суд е извршна, но не и конечна. Доколку пресудата се укине и се врати предметот на повторно одлучување по истекот на месецов постои опција делото да застари.

„Ова е едно од првите дела за кои може да речеме дека поинтензивно се одржуваа расправите, претпоставувам поради таа причина, поради можноста за застарување на делото, така што ако се врати на првостепен суд на повторно одлучување, има голема можност делото да застари“, вели Натали Петровска од „Коалиција сите за правично судење“.

Во таков случај шансите за застарување на делото во одвоената постапка за Јанкуловска се поголеми, затоа што роковите истекуваат. Основниот суд Скопје 1 најави дека пресудата за Јанкулоска ќе биде донесена на 8 -ми октомври, по што одбраната и СЈО имаат рок од осум дена да поднесат жалба, по што ќе треба во Апелација да се одржи седница и во рок од најмногу еден месец да се произнесе по таквото барање.

Од друга страна пак, на едно од рочиштата судијката Добрила Кацарска која го води предметот истакнала, како што пренесуваат македонските медиуми, дека кривичното дело не застарува затоа што во меѓувреме обвинетите се гонат за кривични дела сторени на понов датум, што значи дека застареноста прекинала.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG