Поранешниот премиер Никола Груевски ќе треба да се јави на отслужување на казната затвор за најмалку две недели според законските рокови. Денеска Апелациониот суд ја потврди пресудата и казната од две години затвор од Основниот суд Скопје за Груевски и ја намали за поранешниот заменик министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски од шест ипол на четири ипол години затвор.
Груевски одлуката на Апелација ја слушна на судското рочиште за предметот Титаник, по што за медиумите изјави дека ова е само уште еден обид за политички прогон.
„Станува збор за обвинение во кое ме обвинуваат дека сум влијаел да се купи возило, со цел покрај другите и јас да сум се возел во него“, изјави тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Основниот суд Скопје сооопшти дека по приемот на предметот од Апелациониот суд истиот согласно АКМИС – електронскиот систем за процесуирање на предмети ќе биде распределен на судија за извршување санкции за натамошно постапување.
Правниците објаснуваат дека со донесената одлука на скопска Апелација, пресудата од Основниот суд Скопје 1 станува правосилна и извршна, односно тој ќе мора да се јави во затвор.
„Прво му се праќа налог на осудениот, може сам да се јави за издржување, не мора да значи веднаш полиција. Доколку сам не се јави на закажаниот односно определениот датум за издржување на казната според пресудата, судот ќе треба да преземе мерки, односно да го обезбеди за извршувањето. Дали тоа ќе биде преку полиција или друг начин, важно е дека прво се праќа сам да се јави на определен ден во казнено поправната установа каде што треба да ја издржи казната“, објаснува поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.
Според Законот за извршување на санкции, одлуката станува извршна кога по нејзината правосилност не постојат пречки определени со овој закон за извршување на санкцијата.
„Денот на јавувањето во установата се одредува така што на осуденото лице да му останат најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт”, пишува во законот.
Илиев објаснува дека правно, осудените Груевски и Поповски имаат право да бараат од Врховниот суд да ја преиспита одлуката.
„Од затвор ли или од каде и да се наоѓаат, тие ќе имаат право да побараат вонредно преиспитување на пресудата, но тоа не го одлага извршувањето на пресудата“, вели Илиев.
Тој објаснува дека Груевски и Поповски може да бараат одлагање на извршување на казната од семејни или здравствени причини.
Во законот се наведени неколку можности за одложување на издржувањето на казната, односно ако осуденикот се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или зависност, во случај на смрт или тешка болест во потесното семејство на осудениот, неодложни сезонски работи или работи предизвикани од елементарна непогода, како и ако е потребно да се грижи за чување на деца или немоќни лица за кои е должно да се грижи.
Груевски е и пратеник во Собранието, па на прашањето дали одложувањето на казната може да се доведе во некаква конотација со важните политички одлуки кои се очекуваат од Собранието, тој вели дека нема да ги поддржи уставните измени, оти, како што вели, не може да го изневери народот.
Груевски и Поповски се осудени поради незаконско спроведена набавка на блиндираното возило Мерцедес. Груевски беше осуден на две години затвор поради поттикнување на кривични дело при набавка на мерцедесот, а Поповски за сторена службена злоупотреба од Судот доби шест ипол години затвор, казна која Апелација му ја намали на 4 ипол години. В понеделник се очекува Основниот суд Скопје еден да ја изрече и пресудата за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за која се водеше одвоена постапка поради нејзината бременост.