Претседателите на двете земји се осврнаа и на актуелната состојба околу референдумот во Македонија и за Договорот за името со Грција. На заедничката прес-конференција во претседателската палата во главниот град на Чешка, Иванов изјави дека е факт оти референдумот е неуспешен и дека ниту една интерпретација не може да ги промени бројките.
Тој рече дека затоа повикал на одговорност, истакнувајќи дека на странците кои ја посетувале Македонија им рекол дека ЕУ и НАТО не можат да бидат алиби за штетен договор со Грција.
Иванов додаде дека не може да се прифати спогодба која оди на референдум без национален консензус и за која не е обезбедено двотретинско мнозинство во Парламентот. Тој наведе дека Македонија е „жртва на двојни стандарди“, обвинувајќи ја ЕУ дека бара од земјата нешто што не е побарано од ниту една друга.
„Има земји со отворени билатерални спорови, а се членки на ЕУ. Има земји кои меѓусебно се блокираа, како Словенија и Хрватска, па повторно им е овозможен влез. На Македонија не и се овозможени ниту пристапни преговори. ЕУ не се однесува фер кон Македонија и применува двојни стандарди кои не биле применувани кон земји кои биле во ситуација како нашата“, изјави Иванов.
Во однос на референдумот, чешкиот претседател Милош Земан изјави дека не се меша во внатрешните работи на било која земја, но оти е „пријател на референдумот“.
Според него малиот одзив може да се толкува на три начини: дека референдумот бил бојкотиран, дека граѓаните биле незаинтересирани, или оти прашањето било лошо поставено. Тоа мораат нашите македонски пријатели да го решат сами, рече Земан.
„Се радував кога дознав дека е постигнат договор меѓу Македонија и Грција, па потоа дознав дека тој договор не е целосен. Не сакам тоа да го коментирам, едноставно сакам да ги повикам двете страни да продолжат со преговорите. Кога прв пат го прочитав зборот ПЈРМ, воопшто не знаев што е тоа, па разбрав дека е поранешна југословенска Република Македонија и дека е многу долго. Доколку се успее да се најде постручно име, ќе ми биде драго“, рече Земан.
Земан исто така истакна дека Македонија е природен дел од Европската унија, бидејќи ги брани границите на целата „цивилизирана Европа“ и ги поддржа чешките полицајци да останат и да помагаат во обезбедувањето на македонската граница. Тој рече дека тоа е во интерес на Чешка од аспект на миграциските текови, но и поради продорот на исламскиот фундаментализам.
Двајцата претседатели денеска разговараа за прашањата со миграцијата, како и за економската соработка на двете земји. Иванов му се заблагодари за Земан за поддршката што Чешка ја обезбедува замакедонските институции. Тој порача дека чешките инвестиции се добредојдени во Македонија. Иванов утре ја продолжува работната посета во Чешка на средба со чешкиот премиер Андреј Бабиш.