Благој Чоревски е ретка актерска ѕверка и сериозен уметник. Како вистински потомок на глумците Ратка и Трајко Чоревски (основоположник на македонскиот театар и актер во првата претстава на македонски јазик „Платон Кречет“), тој на сцената што значи живот е од својата шеста година. Од тогаш, па во наредните многу децении Чоре ќе израсне во „квалитетен творец, посветен на професијата, предан, професионален, одговорен и прецизен во креацијата на улогитеод кои голем дел остануваат да важат како антологиски и му го гарантираат заслуженото место во пантеонот на македонското глумиште и македонскиот театар“.
Значи ГЛУМЧИШТЕ кое и тогаш кога треба демек професионално „да мирува“ својот порив го стивнува онаму каде што најудобно се чувствува – на сцена. Затоа и нималку не е чудно тоа што, покрај многуте признанија досега, само во септември тековново лето 2018 тој беше овенчан со две значајни награди. Најнапред ја доби наградата за високо актерско остварување на 26. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ за улогата на Вилфред Бонд во претставата „Квартет“ по текст на Роналд Харвуд, во продукција на Македонскиот народен театар и „Контрапункт“ од Скопје, како и за неговиот севкупен творечки придонес во развојот и растежот на современиот театар, а потоа беше прогласен и за лауреат на годинашниот Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски 2018“.
И, по ваквите признанија Чоревски, онака по свое знае да каже „не само што е трогнат туку дека нему и ним, на актерите, секое признание, секое мало хартииче како признание им е особено драго“. Згора на тоа, безмалку во секоја пригода и ќе нагласи дека, слично како Вилфред Бонд од „Квартет“ на Харвуд, тој е само „уметник – занаетчија“.
„Без занаетот нема уметност. Колку поголем занаетчија, толку поголем уметник. Тоа е толку тесно сврзано, испреплетено што неможеш да го поделиш. А занаетот јас го учев од постарите колеги почнувајќи од Илија Џувалековски, преку Милчин, Гешовски, Дарко Дамески, Драги Костовски, мојот кум Петре Прличко, чичко Тодорче Николовски...во Битолски театар од Ацо Стефановски, Љубиша Трајковски, Јосиф Јосифоски, Бабецот...да не ги редам повеќе тоа се повеќе од стотици врвни македонски актери. Седев заедно со нив, покрај нив, околу сцената... и гледав како работат. И колку тие се внесуваат во разлагањето на едно зборче од карактерот што треба да го претстават пред публиката“, вели Чоревски.
Тој и со дополна дека сака да навлезе до крајните граници и да го открие ликот што ќе го игра „затоа што на крајот на краиштата како што вели - јас сум условно Вилфред Бонд“.
„Нити сум пејач оперски, ниту сум таков по карактер, но условно сум Благој Чоревски во улогата на Вилфред Бонд. Затоа гледам колку е можно во мојата имагинација, онаа во која го замислувам кој бил тоа ликот, да стигнам до совршенство. Дали ми успева тоа? Некогаш да, некогаш не. Некогаш можеби и повеќе, некогаш за никаде. Но, во секој случај тоа е уметноста. Тоа е занаетот споен со уметност.“
Појаснувајќи што значи тоа да се биде актер, Чоревски вели дека не постојат точни дефиниции за тоа. Дека не ја открил „формулата“. Ниту дека се бавел со тоа оти така би се загубила магијата. Дека правилото е едноставно – колку подобар театар, толку повеќе гледачи. Дека лично „секој ден за него е како ново раѓање“ и дека притоа најбитни се подготовките за пооделните претстави. И, конечно дека не секогаш во оние околу 150 ликови што ги отелотворил успеал да влезе во психологијата на ликот што го толкувал. Како пример за тоа ја наведува комедијата „Болва во уво“ од Жорж Фејдо каде долго се мачел околу ликот на Деби и се така до моментот додека на пробите неговиот колега Стево Спасовски не го посоветувал да почне да зборува како Славе, сценскиот мајстор во Драмски театар. Така го пронашол карактерот и потем ќе биде доументирано дека „критиката без исклучок во прв план ја издвојува бравурозно комичната актерска креација на Благој Чоревски“.
„За тоа што може да влезе во карактерот на улогата што ја играм секоја помош за мене е добредојдена. Мајсторството е во тоа да ја направиш улогата да биде твоја. Друго мајсторство нема. Да ти поверува публиката дека тоа е тоа“, смета актерот.
Во контекст на ова тој смета дека „секоја генерација ќе си има свое обележување на територијата, односно на театарот“.
„Јас не мислам дека не доаѓаат талентирани млади луѓе, но доаѓаат малку себевљубени. Мислат дека со едно улогиче или со една песничка на фестивал стануваат ѕвезди. И се однесуваат така. Не. Треба многу работа, работа, работа, работа ...и само работа. Ништо друго нема да ве стави на било каков пиедестал кога се збори за успех ако не работите предано, искрено ... Треба да знаете дека само со работата ќе постигнете успех. Јас секогаш кажувам дека талентот е само 0,1 отсто ...останатите 99,9 отсто е само работа. Се растажувам кога ќе видам талентиран актер , а се упропастил самиот себе си. Тоа е најжалното во нашава професија и воопшто во уметноста. Мрзата е најлош пријател, многу опасен непријател“, истакнува Чоревски.
Сцена од претставата „Вујко Вања“ на МНТ
Говорејќи за наградите тој најнапред истакнува дека кога му соопштиле дека е добитник на онаа за високо актерско остварување на 26. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, како и за неговиот севкупен творечки придонес во развојот и растежот на современиот театар, „бил како изваден комплетно од колосек“.
„Бев во автомобил и иако не возев жива вода станав. Знаејќи го кој беше Шишков, каков великан беше, каков пријател сум бил со него, колку сме поминале ноќи непроспани...играјќи во телевизиски серии, посебно во „Табакерата“...Тоа беше нешто коешто не се опишува со зборови. Еве и сега ме обливаат такви пријатни чувства по телото. Иако е починат толку години Шишков ми даде уште една задача: да продолжам вака како што сум работел и да не се правам многу „курназ“. Итроштина во уметноста нема. Има само работа. Секој од колегите во претставата „Квартет“ можеше да ја добие наградата. За вкусови не сакам никогаш да дискутирам, но веројатно тоа интернационално жири сметало дека јас сум бил најдобар таа вечер и воопшто на Фестивалот и така одлучило. А, тие гледаат некаде 60-на актери и секако немале лесна задача. И, тоа ми претставува уште поголем потстрек да можам да работам. Додека можам да говорам, да се движам, да го памтам текстот јас ќе одам на сцена. И сам ќе правам монодрами, дуодрами...Мислам дека кога актерот физички ќе се збогува со животот само тогаш престанува да игра. Ќе остане да го паметат тие што го гледале по она што го има оставено зад себе“, вели Чоре.
Сцена од антологиската „Диво месо“ - Драмски театар
Прашан, пак, што по „Квартет“ и „Лет на кукавичкото гнездо“ ...Чоревски вели дека се подготвува заедно со младата колешка Елизабета Стефановска да го постави кај нас одличниот текст „Девет“ на писателот Гоце Ристовски, кој својата праизведба ја имаше во Нови Сад, соседна Србија. Во сферата на неговиот интерес е и „Гастрбајтери“ од писателката и поетеса Ката Мисиркова Руменова...и „се она друго што ќе му биде понудено а ќе му се види интересно“.
„Уште едно дваесеттина години вака, а после ќе видиме, шеретски“, заклучува Благој Чоревски.