Граѓаните ем сакаат скалест данок, ем се плашат од последиците

Илустрација: Канцеларија

Најголемиот дел од граѓаните поддржуваат воведување повисок данок за оние со поголеми приходи, но мнозинството стравува дека тоа ќе има негативни последици, покажува анкетата на ИРИ.

Мнозинството граѓани се согласува со воведувањето прогресивен данок, иако повеќето од нив сметаат дека повисоките даночни стапки за оние со поголеми приходи ќе има некакви негативни последици.

Според анкетата на ИРИ спроведена на почетокот на јули годинава, 63 отсто од граѓаните поддржуваат воведување на скалест данок, додека 26 отсто биле против. На прашањето дали поддржувате воведување скалест данок, 38 отсто од испитаниците одговориле со „да“, 25 отсто одговориле дека поддржуваат, но зависи од тоа каде ќе биде поставена границата над која приходите дополнително ќе се оданочуваат, 26 одговориле дена не поддржуваат таква даночна промена, додека 11 отсто рекле дека не знаат.

Повеќе од половина од испитаниците, пак, сметаат дека тоа ќе има негативни последици – или преку намалување на платите или преку избегнувањето данок. На прашањето, како ќе реагираат фирмите ако сe воведе поголем данок за оние со повисоки приходи, 22 отсто од испитаниците одговориле дека платите ќе останат исти, а фирмите ќе плаќаат поголем данок, 31 отсто одговориле дека фирмите ќе најдат начин да го избегнат плаќањето, 21 отсто одговориле дека тоа ќе значи намалување на платите, а 26 отсто од испитаниците одговориле со „не знам“.

Професор Борче Треновски вели дека голем број од луѓето поддржуваат воведување прогресивен данок затоа што имаат чувство на нееднаквост. Од друга страна, граѓаните стравуваат од кого тие даноци ќе се наплатат и за што ќе се трошат.

„Генералните искуства со воведувањето на прогресивните даноци, не само во Република Македонија, покажуваат дека најголем дел од приходите се собираат од средната класа, од луѓето кои заработуваат од плата, тие што многу тешко може да го пренесат, да го намалат, да го избегнат даночниот товар. Значи средната класа, додека кај најбогатите може да предизвика даночна евазија. Затоа што тие што заработуваат повеќе обично имаат повеќе типови на приходи. Тие повеќе типови на приходи се прилично флексибилни кога ќе им наметнете различни даночни стапки за разлика од приходот од плата кој даночниот обврзник не може да го избегне и тие може да евадираат. Тоа е една од дилемите“, вели Треновски.

Од друга страна, Стопанските комори бараат одложување на воведувањето на прогресивен данок за најмалку пет години. Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија сметаат дека прогресивниот данок ќе има повеќе негативни отколку позитивни ефекти во моментов.

Анкета на стопанските комори за воведување прогресивен данок

Професор Зоран Ивановски вели дека скалестиот данок ќе ги демотивира највредните и најуспешните.

„Сметам дека највредниот, најшколуваниот и најдобриот кадар неправедно ќе биде оданочен. Дали е богат ИТ инженерот кој заработува 1000 евра? Напротив, тој е успешен и треба да се стимулира“, вели тој.

Стопанските комори сметаат дека скалестиот данок ќе влијае на намалување на платите на вработените. Според нивната анкета, 309 од анкетирани 546 фирми сметаат дека треба да остане рамниот данок, а 55 отсто од анкетираните компании сметаат дека тоа ќе ја зголеми сивата економија. Ако веќе се воведува, тогаш поголемиот дел од фирмите сметаат дека прагот треба да се постави над 3 илјади евра.