Битола до ноември железнички ќе се поврзи со Грција

Како сега изгледа железничката пруга од Битола за грчка граница.

Пругата за Грција функционирала до шеесеттите години од минатиот век, а воз не поминал три децении, па се руинирала

До неодамна, на железничката пруга од Битола за грчка граница пасеше стока и се одгледуваа сандаци со пчели. Денес пругата интензивно се гради, а со обновата е стигнато до пред индустриската зона Жабени. За пет месеци изграден е поголем дел од пругата, која има вкупна должина од 17 километри. Извршена е реконструкција на шините, а поставена е и подлога од чакал.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека ќе бидат испочитувани договорените рокови и пругата ќе биде довршена до крајот на ноември годинава. На неа интензивно се работеше во изминатите пет месеци.

„Очекуваме до крајот на ноември годинава комплетно да биде завршена делницата Битола- Кременица. Истовремено преговараме со грчките власти и од нивна страна да биде завршено за да се направи технички прием и сето тоа да биде ставено во функција. Сум разговарал неколку пати со министерот на Грција за транспорт и комуникации, нѐ уверуваат дека сѐ што е во нивна моќ ќе направат и дека во даден момент кога ќе се заврши тука од таму да биде комплетно завршена за да се стави во функција инаку би било без ефект“, вели Сугаревски.

Истата пруга почна да се гради пред две и пол години, но тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Дел од работниците поведоа судски спорови против компанијата барајќи си ги платите. Во меѓувреме дојде до промена на власта, а државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Станува збор за проект од 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра се ИПА средства, а 11 милиони евра се средства од буџетот на Македонија.

Со пругата кон грчка граница се очекува Пелагонискиот Регион да се поврзе со Солунското пристаниште, а компаниите да добијат за 30 проценти поевтин и побрз транспорт на стоката. Воедно власта најави и изградба на експресен пат од Битола за грчка граница, што според премиерот Зоран Заев ќе донеси зајакнување на економските врски на битолскиот пограничен регион со Грција.

„Верувам дека овде поврзаноста ќе биде се подобра со Грција и со железничката пруга и со патната мрежа. Дефинитивно ова е сериозен регион за Македонија и верувам дека државата задоволително ќе овозможи инфраструктурен развој што е важен за самите инвестиции“, рече Заев.

Тој ги повика битолските и другите бизнисмени од Пелагонија да се фокусираат кон освојување на грчкиот пазар.

„Од можностите за повторно добивање на повластено користење на пристаништето во Солун за земји кои немаат свои пристаништа. За пет години очекуваме дуплирање на трговската рамена.Даноците во Грција се три до четири пати поскапи од даноците во Македонија. Тоа ќе ги прави нашите производи покомпетативни од слични или исти производи од Грција. Транспортот е евтин бидејќи се соседни земји. Се отвораат големи можности, кои до сега не беа така отворени пред се од политички причини, а постоеше и одредена резерва во Грција кон нашето производство и можност за пенетрација на наши производи на грчките пазари“, рече премиерот Заев.

Пругата за Грција функционирала до шеесеттите години од минатиот век, а воз не поминал три децении, па се руинирала. Патот кој сега Битола ја поврзува со грчката граница е регионален со две ленти. И покрај ваквата поврзаност дневно границата ја минуваат околу 2500 лица.