Заев и Пенс ја споделиле визијата Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Поддршка на САД за Договорот од Преспа

Премиерот Зоран Заев денеска во Вашингтон оствари средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс. Заев на Пенс му порачал дека Македонија нема алтернатива за ЕУ и НАТО и оти останува во тесна соработка со САД во исполнување на стратешките цели. Пенс ја поздравил покажаната храброст и лидерство за постигнатиот договор за името.

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со средба американскиот потпретседател Мајк Пенс во Вашингтон истакнал дека таквата можност дошла во клучен историски момент за Македонија, кога за десеттина дена, граѓани ќе го одредат курсот на земјата кон нејзината иднина во НАТО и ЕУ, соопшти владината прес-служба.

Заев порачал дека Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Според него и граѓаните препознале оти од нивната одлука на референдумот, поканата за НАТО што ја добила Македонија во Брисел, ќе се преточи во протокол за пристапување и со процес за ратификација на пристапување на земјата во јануари 2019 година. Заев нагласил и дека граѓаните знаат оти и евро-атлантската иднина, освен консолидација на политичките реформи, ќе донесе и економски раст.

Охрабрени и инспирирани од средбата со Потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство“, рекол Заев на средбата.

Пенс пренесол пораки и од претседателот на САД, Доналд Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот договор со Грција што го отвориле патот за членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Според него, Белата Куќа, како што наведуваат во соопштението на владината прес служба, ја охрабрува и ја споделува визијата на Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ.

Заев и Пенс разговарале и за можноста заеднички да биде прославен приемот на Македонија во НАТО наредната година, што станало реалност со договорот за името. Поранешниот дипломат Благој Зашов пред средбата изјави дека посетата на Заев на САД е во рамките на напорите на Владата да добие поддршка за Договорот од Преспа, во пресрет на референдумот.

„Посетата е продлабочување на нашите односи со еден партнер којшто ни е многу значаен и се разбира тоа е уште една потврда на пораките кои последниве денови ги добива нашата земја за договорот од Преспа. САД учествуваа во процесот на преговарање и прецизирање на договорот од Преспа, така што за Македонија ќе значи многу ако добиеме поддршка и од потпретседателот Пенс во рамките на оваа посета“, изјави Зашов.

Тоа што посетата е на покана на потпретседателот Пенс, за политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е уште една потврда за посветеноста на американската администрација да и помогне и да ја охрабри Македонија да помине низ овој чувствителен период и да се отфрлат сите сомневања дека спроведувањето на Договорот со Грција не значи членство во ЕУ и НАТО.

„Ако американскиот потпретседател го повикува нашиот премиер пред референдумот, тоа значи уште една гаранција и охрабрување дека нашите НАТО и евроинтегративни процеси по референдумот ќе добијат на интензитет,“ изјави Муслиу.