Клучевите за европската иднина се во рацете на вашиот народ, не ја пропуштајте историска шанса, рече денеска шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини при посетата на старата скопска чаршија, придружувана од премиерот Зоран Заев.
„Запомнете кога на 30 септември ќе одите и ќе гласате на референдумот дека вие ги држите клучевите од вашата иднина во вашите раце и никој друг не може да го направи тоа за вас. Не може да си дозволите да молчите и да ја пропуштите можноста да се изразите за тоа каква иднина посакувате за вашата земја“, рече Могерини.
На прашањето, како го коментира тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не го соопшти ставот на опозициската партија за референдумот, Могерини истакна дека нејзината улога не е да се меша во внатрешната политика на земјата. Но, посочи дека е нејзина одговорност да им порача на граѓаните да да ги искористат инструментите на демократијата и да го изразат својот став, без разлика дали е за или против Договорот.
„Како што кажав, јас не укажувам или не навлегувам во дефиницијата или ја поканувам едната или другата страна да гласа, туку она што го кажувам е ова, со години, премногу години оваа земја чекаше пред вратата и многу добро ја знам фрустрацијата која ја акумулиравте во текот на годините. Знаеме многу добро дека сега сме во поинакво место. Сега ЕУ ви кажува дека вратите се отворени. Во вашите раце ја имате можноста за решавање на прашањето за името кое стоеше на патот толку долго. На вас е“, додаде Могерини.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
По средбата со Могерини, Заев разговараше и со американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Арон Вес Мичел во Владата. Мичел ги повика граѓаните да излезат да гласаат на референдумот, бидејќи само тие може да ја донесат одлуката. Според него, во интерес на Македонија е гласот на нејзините граѓани да биде слушнат и да го кажат нивното мислење јасно.
„САД ја поддржуваат Македонија во овој процес. Веруваме дека е во интерес на Македонија, во интерес на Европа и секако е во интерес и на Америка да го видат Балканскиот полуостров стабилен, безбеден и просперитетен. Тоа беше мојата порака на денешните средби. Мислам дека шансата, како оваа, е историска. Мислам дека перспективата на шанса како оваа, повторно во нашите животи е многу мала. Така што ги повикувам сите Македонци да го изразат својата слобода, како и одговорност да излезат и да гласаат на одржувањето на референдумот“, рече Мичел.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој не сакаше да шпекулира што ќе се случи доколку референдумот не успее и дека САД и натаму ќе и бидат пријател на Македонија. Тој му ја пренел и истата порака на Мицкоски.
„Го повикав да биде јасен и да ги охрабри Македонците да излезат и да гласаат“, додаде Мичел.
Посетата на Мичел е само неколку дена пред најавената посета на секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис. Во официјална посета на Македонија денеска е и министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати. Бушати изјави дека Договорот меѓу Македонија и Грција, е значаен не само за двете земји, туку и за целиот регион.