Ако се суди според информациите во повеќето дневни печатени медиуми, во најголемата опозициска партија се случува нешто. Во врска со претстојното референдумско изјаснување. Слободен печат излезе со наслов: „Раскол во ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски за тивок бојкот, генералниот секретар Митко Јанчев, актуелен градоначалник на Кавадарци – да се гласа!“ Слободен печат излезе и со друга информација: „Високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотираат ставот на лидерот и на Партијата“ затоа што зборот „гласање“ воопшто не се спомнува и практично тоа е легализација на тивкиот бојкот што на терен се заговара во целиот период на наводните консултации со граѓаните, го открива весникот мислењето на неименувани истакнати членови на опозициската партија. Инаку, Јанчев во нова изјава дообјаснува: „Имав став да се повика членството да гласа против договорот за името, не сум дел од тивок бојкот“, оди со друг наслов Слободен печат.
Вечер и Независен во наслов ги цитираат неговите зборови: „Мојот став да се гласа ’против‘ на референдумот е во согласност со одлуката на ВМРО-ДПМНЕ“.
Инаку, сите електронски изданија на печатените медиуми ја објавија видео-снимката на Мицкоски со изјавата по неколкучасовните состаноци на партискиот Извршен и на Централниот комитет во вторникот вечерта: „Секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“.
Во меѓувреме, Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев „разменија“ мислења преку весниците и социјалните мрежи во врска со поканата од Мицковски до Заев да имаат ТВ дуел. Нова Македонија ја наслови информацијата со одговорот на Заев: „Дебата со Мицкоски кога јавно ќе каже дека е против бојкот на референдумот“. Вечер го пренесе одговорот на првиот човек на опозициската партија во гостувањето на телевизијата 24 вести дека „На Заев треба прво да му биде дозволено да излезе на ТВ дуел па ќе му објаснам што мислам за бојкотот“.
Од истото интервју, Слободен печат го извлече следниот наслов: „Не повикувам на бојкот за референдумот, повикот членовите на партијата да постапат според сопственото убедување не значи повик за тивок бојкот на референдумот“.
На својата ФБ страница Мицкоски порачува: „На крајот на дуелот ќе му кажам на Заев што мислам за бојкотот, тој треба само да се охрабри, да не бега од вистината и да прифати дебата“ – наслови Вечер.
Видете и ова: Црвенковски: На референдумот ќе гласам „За“Печатените медиуми се „разбрануваа“ и откако поранешниот претседател Бранко Црвенковски со писмено обраќање до јавноста го кажа својот став за претстојниот референдум: „Се јави и Црвенковски: Ќе гласам ’за‘ на 30 септември“, објави Независен. Нова Македонија наслови: „На 30 септември ќе излезам на референдум и ќе гласам ЗА“. Вечер малку модифицирано: „Ќе гласам ЗА на референдумот и покрај сите мои тешки внатрешни дилеми“ – гласи едниот наслов, а во друг наслов истиот весник оди со свое толкување на писмената изјава на Црвенковски: „Знам дека сте незадоволни од Владата, но излезете и гласајте ЗА“.
Сите печатени медиуми информираа иза судењето за случајот „Титаник“: „Мартин Протуѓер заврши на Ургентен, ’Титаник‘ се одложи за 24 септември“, информираат Независен и Нова Македонија.