Не работат ски лифтови, патиштата се руинирани, смет има насекаде. Дали воопшто претстојната зима ќе може да дојдат посетители и да скијаат на Попова Шапка. Овие прашања ги мачат стопанствениците, спортските работници и планинарите кои ја алармираат јавноста дека ски центарот е во драстично лоша состојба.
Голема забуна прават различните информации во однос на тоа дали ќе се реконструира од страна на државата или скијачкиот центар ќе се даде на концесионер да го раководи.
„Ние како инвеститори, како хотелиери на Попова Шапка сме многу загрижени за состојбата, за иднината на Попова Шапка. Сакаме да знаеме, да апелираме до власта, премиерот да ни одговорат точно што ќе биде со Попова Шапка. Нас не прашуваат сите агенциите што ќе биде. Тие знаат дека ќе се продава, некој знае дека нема да продава, или пак ќе се прави или нема да се прави. А ние ништо не можеме да преземаме пред сезоната“, вели хотелиерот Хашим Хасани.
Цело лето никој не работел на подобрување на инфраструктурата за скијање, велат хотелиерите.
„Двоседниот ски лифт беше расипан од средината на февруари минатата сезона. Ако не се направи тој двосед годинава, ние ќе доживееме фијаско. Тој двосед е најважен за почетници, овие што се скијачите, за бордерите. Без тој двосед не може да функционира Попова Шапка. Како ќе се качат нагоре скијачите на Аеродром (ски патека), пешки“, прашува Жарко Неделковски, управник на хотел.
Дали до почетокот на ски сезоната ќе се догради новиот шестосед е главната неизвесност.
„Ние гледаме дека работите се одвиваат, но тоа ова година нема да биде завршено. Ќе се изгради, но без струја не може да се направи техничкиот прием. ЕЛЕМ (Електрани на Македонија) не дава струја, бидејќи во техничката документација не постои врзување со трансформаторот директно со шестоседот. Не е предвиден таков проект“, рече Хамди Сулејмани, од Иницијативата „Спас за Попова Шапка“.
Според Жарко Трпковски од ски клубот Љуботен, Попова Шапка наместо да има централизирано раководење од Скопје, треба да се препушти на јавно претпријатие со локален карактер.
„Како понатаму ако се земе искуство на околните земји, останува еден единствено решение. Државата во соработка со општината да формира јавно претпријатие скијачки центар Попова Шапка кое ќе биде задолжено за скијачка инфраструктура на Попова Шапка и точка. Тука нема ништо повеќе или помалку. Никакви тендери, никакви странски инвеститори. Ниеден странски инвеститор нема да дојде на ваква Попова Шапка каде што не се решени урбанистички планови, не постои урбанистички план на Попова Шапка“, изјави Трпковски.
Попова Шапка досега ја раководеше државната компанија Електрани на Македонија ЕЛЕМ преку ќерката фирма ЕЛЕМ Турс. Претходната Влада најави реализација на студија за целосно реконструирање, додека сегашната смета дека Попова Шапка треба да се даде на концесија и стопанственик со искуство во раководење на ски центар.