Зголемено иселување, намален наталитет = помалку ученици

Архивска фотографија - Старт на учебна година.

Податоците од Заводот за статистики за првото тромесечје од годината, покажуваат дека се намалува бројот на живородени деца. Експертите велат дека поголемо е намалувањето на учениците во училиштата од бројот на живородени деца и оти тоа е поради иселувањето.

Факт е дека наталитетот се намалува во Македонија, но голема улога во тоа има иселувањето во странство, велат стручните лица. Коментирајќи ги податоците од Заводот за статистики за првото тромесечје од годината, тие укажуваат дека поголемо е намалувањето на учениците во училиштата од бројот на живородени деца и оти тоа е поради иселувањето.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во второто тримесечје од 2018 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 6,3 проценти и изнесува 5.160 живородени деца, а бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2018 година бележи зголемување од 1,1 процент во споредба со истото тримесечје од 2017 година и изнесува 4.683 лицa, а од нив 17 се умрени доенчиња.

Поранешниот директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски, вели дека не може да се дава толкување врз основа на податоци за три месеци и оти секој квартал зависи од временскиот период. Но, според податоците на Заводот за статистика врз основа на 10 годишен период, тој вели дека наталитетот се движи во рамки на одредено намалување, или попрецизно дека за 10 годишен период бројот на живородени деца се намалува за околу илјада до две илјади деца.

Според него позагрижувачки е фактот за тоа колку првачиња е регистрирано дека се запишуваат од година во година во училиштата.

Поголемо е намалување на ученици отколку на живородени деца. Според бројот на ученици од 2006 некаде до 2015 година просечно околу 5.000 се намалуваат во прво одделение или околу 30 илјади се намалени бројот на ученици во основно образование. Беа 222 илјади во 2006, а во 2017 се 190 илјади“, вели Герасимовски

Во Македонија нема точни податоци околу иселувањето на населението, а некои кои престојуваат и живеат надвор од земјата се уште имаат македонски државјанства. Инаку познато е дека младите луѓе најмногу се иселуваат од Гостивар и Струга како и од источниот, пелагонискиот и вардарскиот дела на државата.

Од 2002 до 2017 на крајот на годината 65 отсто од општини се со намалено население врз основа на природен прираст, ако се додаде и иселувањето, тогаш состојбата е уште позагрижувачка. Во источниот регион ако го земеме од 11 општини во 10 општини бројот на населени во 10 годишен период се намалува со исклучок на Штип, а од Карбинци до Берово сето тоа се општини со намалено население, не само по природен пат што се зголемува смртноста од година во година, а наталитет опаѓа, сè помалку живородени деца има во тој регион и во вардарскиот и во пелагонискиот регион, што доведува до намалено население“, вели Герасимовски.

Пример за масовната имиграција и немање точни податоци за населението кое се иселува, во источниот дел на државата е општината Македонска Каменица. Луѓето кои се иселиле од оваа општина формирале село во Италија со свое училиште и црква, вели Герасимовски

„И на лето доаѓаат неколку денови и прават иселенички средби, а сите се државјани на Македонија и не се пријавени дека се иселени. И велат дојдовме во татковината и сега си одиме дома. И која е нивната дома?", вели Герасимовски.

Последиците од емиграцијата според Герасимовски се видливи не само во училиштата во Македонија каде се помалку се запишуваат ученици во основно образование, туку и во податоците за живородени деца од земјава во странство. Тој вели дека поради емиграцијата Македонија се соочува со ситуација од година во година да има се помалку млади луѓе.

За ова говорат и статистичките податоци дека околу 5000 деца се раѓаат годишно од Македонија во странство. Со најголем број живородени деца од Македонија во странство предничат Струга и Гостивар, а луѓето од овие два града најмногу се иселуваат во Швајцарија, Германија и Италија.

А последиците од масовната емиграција и намалување на бројот на раѓања се видливи и во Македонија и на почетокот на оваа учебна година.

Според неофицијалните податоци годинава во сите општини во Македонија, освен од Чучер Сандево, од каде што се уште не бил доставен списокот, ќе се запишат 20.251 ученик во прво одделение што е за најмалку двесте првачиња помалку од минатата година кога се запишале 20.473.

Официјално, од Министерството за образование и наука велат дека во учебната 2016/2017 биле запишани 22 790 првачиња, а во учебната 2017/2018 биле запишани 21 250 првачиња.

Од таму наведуваат дека за учебната 2018/2019 во моментов располагаат со бројка од 20 260 запишани првачиња, оти таа бројка не е конечна.

„Уписите се уште траат во прво одделение, а конечната бројка ќе ја имаме кон крајот на септември“, велат од МОН.

Инаку, досега во МОН не е доставено барање или известување за затварање на некое училиште, затоа што нема запишани деца.