Пратениците во Европскиот парламент во септември повторно ќе разговараат за предлогот кој во минатиот месец, по жестока дебата, беше отфрлен.
Таканареченото „право на авторски права“ има за цел да им обезбеди на производителите на креативни содржини - без разлика дали се вести, музика или филмови – да им се плаќа во дигиталниот свет.
Но, плановите наидоа на големо спротивставување од големите американски технолошки фирми како Гугл и Фејсбук, како и од застапниците на слободата на интернет.
Во отвореното писмо, потпишано од повеќе од 100 истакнати новинари, се наведува дека и покрај тоа што медиумите, иако плаќаат за содржината и ги праќаат новинарите кои ги ризикуваат своите животи за да произведат доверлив, темелен и разновиден информативен сервис, не се тие што ќе профитираат, туку платформите на интернет.
Семи Кец, новинар на АФП и шеф на бирото во Багдад вели:
„Тоа е како да работите и некој друг бесрамно и беспрекорно ви ги зема плодовите од вашата работа. Тоа е неприфатливо од морална гледна точка, а уште повеќе од гледна точка на демократијата“, вели тој.
Во писмото се повикува Европскиот парламент „да гласа за овие права со цел опстанок на демократијата и на еден од нејзините најзначајни симболи: новинарството“.
Но, противниците на предлог законот велат дека тоа ќе го задуши интернетот.
Отпорот е особено против членот да се принудат онлајн платформите законски да одговараат за материјалите што се заштитени со авторски права, а ставени на интернет од страна на корисниците.
Критичарите тврдат дека реформата ќе доведе и до широка цензура на технолошките платформи кои станаа онлајн центар за креативност, особено на Јутјуб.
Тоа, пак, за новинарите претставува голема лага:
„Ние мора да престанеме да веруваме во лагите на Фејсбук и Гугл. Гласањето на Европскиот парламент на 12 септември нема да го доведе во прашање слободниот пристап на Интернет. Интернетот ќе остане слободен за потрошувачите, но интернет гигантите ќе мора да плаќаат за содржината што ја користат“, вели Кец.
Или, како што се вели во отвореното писмо, „интернет гигантите, кои сега бесплатно ги користат редакциските содржини, ќе им даваат надомест на медиумите без да бараат од потрошувачите да плаќаат за тоа“.