Конгресмени со поддршка на Договорот со Грција и НАТО

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, се сретна со делегација од Конгресот на САД, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Како што се ближи претстојниот референдум, така се засилува и меѓународната поддршка. Во дводневна посета на Македонија се петмина американски конгресмени кои денеска во Собранието изразиле безрезервна поддршка за претстојните процеси за евроатланска интергација на Македонија.

Членови на Конгресот на Соединетите Американски Држави се во дводневна посета на Македонија. Тие денеска имаа средби со раководството на Собранието, односно собранискиот спикер Талат Џафери и координаторите на парламентарните групи, како и со претседателите на собраниските комисии и нивните членови.

На средбите со конгресмените Бил Флорес, Дејвид Прајс, Гери Коноли, Дина Титус, Сузан Дејвис, како што соопштија од собраниската прес-служба, меѓу другото биле разменети видувања за актуелната политичка состојба, како и за тековните собраниски активности во пресрет на јавната пропаганда за референдумот и планот на забрзаната интеграција на државата во НАТО и Европската унија.

„Конгресмените го истакнаа задоволството од несомнениот напредок на државата на планот на евроатланските интеграции и зацврстувањето на демократијата, особено по потпишувањето на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција, при што истакнаа дека САД и понатаму ќе и даваат безрезервна поддршка на Република Македонија во овие процеси, при што потенцираа дека особено го вреднуваат реалниот придонес на Македонија во мировните мисии на НАТО, каде што Република Македонија се цени како мошне квалитетен и почитуван партнер“, се наведува во соопштението.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски смета дека сите засегнати страни треба да ја искористат таквата поддршка со цел да се поттикнат граѓаните да излезат да гласаат на референдумот.

„Би имало поголема корист доколку ова биде една заокружена целина, а тоа значи Владата, односно Собранието, парламентарното мнозинство кое што протежира да се гласа „за“ на референдумот успее овие сите посети да ги преточи и во политика којашто ќе му ја сервира на секој граѓанин или на граѓаните за да може да разберат кој е патот по кој што се движиме, дека одиме кон пријатели кои што очекуваат Република Македонија да ги заврши овие неколку преостанати неколку обврски за полноправно членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ“, вели Дујовски.

Тој додава дека меѓународната заедница нема да ја остави Македонија сама да го изоди патот кон евроатланската интеграција.

Никој од таа страна не ни го свртел грбот. Не одбиваат посети, напротив многу се проактивни и работат доста на тоа Република Македонија да стане членка на НАТО“, додава Дујовски.

Американските конгресмени утре ќе имаат среда со Парламентарниот институт и граѓански организации.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Поддршка од Конгресот на САД за процесите во Македонија