Собрaниските служби денеска соопштија дека најверојатно в среда ќе биде познато која пратеничка група колку средства ќе добие за кампања за референдумот на 30 септември.
Извесно е дека во кампањата „за“ референдумското прашање ќе учествуваат пратениците од СДСМ,нивните коалициски партнери и ДУИ , а поддршка за референдумот и вклучување во кампањата најавија и пратениците од ДПА и Алијансата на Албанците. Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ официјално е најавен за в среда.
Во меѓувреме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се откажа од дел од 80 те милиони долари наменети за нив, за кампањата за референдумот, и побара тие да бидат пренасочени за доградба на средно училиште во Тетово.
Ова во саботата преку Фејсбук го соопшти претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и побара и сите други другите пратенички групи да се откажат од парите за кампањата за референдумот и да ги пренаменат за други потреби.
Мицкоски кажа дека партијата е против Договорот со Грција и оти тие одејќи од врата на врата на граѓаните ќе им го објаснуваат својот став.
„ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски претходно го условуваа формирањето на Државната изборна комисија со барањето да се донесе закон за финансирање на партиите со пари од Буџетот. Зошто тогаш Мицкоски не се откажа од буџетски пари”, одговорија од СДСМ
Инаку во петокот, пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски со писмо побара од претседателот на Собранието пари за кампања за бојкот на референдумот, како пратеник од опозицијата со свој став за референдумот. Од Парламентот му одговорија дека водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секој од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво.
И во денешното соопштение од собраниските служби се наведува ставот дека пратеничките групи и пратениците поединечно нема да добијат средства на рака, туку кампањата ќе биде реализирана преку закуп на простор во соодветни медиуми пропорционално според бројот на пратеници во пратеничката група.
Владата претходно донесе одлука да му се обезбедат средства на Парламентот во висина од 80 милиони денари за кампањата за референдумот.
Претседателот на Собранието во четвртокот упати известување до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи, во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „ против“.
Врз основа на добиените податоци, пропорционално, Собранието ќе закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, пишани медиуми и интернет портали
Кампањата за референдумот се очекува да започне на 10 септември.
Колку набљудувачи ќе го следат референдумот?
Од невладината органзизација МОСТ велат дека дека ќе го набљудуваат референдумот во целокоупното траење. Злате Димитриоски изјави дека веќе е започнато набљудувањето на ДИК, и оти наскоро ќе почне да се набљудува кампањата на терен.
„Во скоро време ќе бидат распоредени околу 80 набљудувачи кои ќе ја следат работата на изборната администрација и ќе го набљудуваат политичкиот контекст, а на изборниот ден ќе распоредиме набљудувачи кои ќе ги покријат изборните места, нивната бројка нема да биде помала од онаа што вообичаено се распоредува“, изјави Димитриоски
Инаку бројот на набљудувачи на МОСТ варира, но во просек организацијата распоредува набљудувачи на околу 50 проценти од избирачките места.
Претходно ОДИХР соопшти дека референдумот на 30 септември ќе го следи со 250 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи.