Референдумска треска: за, против и бојкот

На еден месец до референдумот, неформални групи кои се „ЗА“ референдумот или за бојкот ги промовираат своите аргументи. Според едни, Договорот значи европска иднина за земјава, за други Договорот го загрозува македонскиот идентитет.

Еден месец пред одржувањето на референдумот за името, во јавноста се профилирани две страни, една група граѓани кои сметаат дека треба да се поддржи референдумот и другите кои ќе го бојкотираат. На социјалните мрежи веќе извесно време забележливи се неколку неформални групи кои ја поддржуваат или едната или другата опција.

ФБ групата „Фан клуб на референдум за ЕУ И НАТО“ има над 13.000 поддржувачи на својот профил, а на страницата пишува дека таму припаѓаат сите кои сакаат ЕУ и НАТО и европска иднина. Преку рекламни видеа веќе се промовираат предностите од влезот во евроатланските структури.

„ЕУ за Македонија значи достапност од 250 пати поголем пазар, за домашните бизниси. Влезот во Унијата за Македонија значи пет пати повисок животен стандард. Членството во ЕУ значи сигурна економија за Македонија и повеќе странски инвестиции. Македонскиот јазик ќе биде официјален во Унија од 500 милиони жители! Влезот во ЕУ и НАТО гарантира нови инвестиции и нови бизнис можности - Силна економија и подобар живот за сите граѓани!.“

Овие се само дел од аргументите со кои поддржувачите на референдумот ги убедуваат луѓето зошто треба да гласаат „ЗА“.

Другата група граѓани која е активна на социјалните мрежи е онаа за бојкот на референдумот. Регистрирана под името „Бојкотирам“, таа се декларира како „група млади интелектуалци кои се обединиле под една и единствена цел, а тоа е одбрана на името на нашата татковина Македонија“.

„Промената на името мора да се спречи по секоја цена! За нашето име не може да се преговара. Предлогот за ново име има за цел да не понижи како народ и да ги исече нашите историски корени на овие простори“, пишува на нивниот профил.

Како дел од агрументите кои се посочени како причини поради кои референдумот треба да се бојкотира се наведени националното понижување со промената на името, односно се смета дека промената на името ќе значи откажување од нашите претци, од целокупната наша историја, култура и традиција. Приврзаниците на оваа група сметаат дека промената на името значи внатрешни немири или како што стои на страницата:“ Доколку државата го смени името, тоа ќе доведе до нов конфликт и војна. Доколку се прифати името Северна Македонија веќе утре тие структури ќе објават дека сега е веќе ова нова држава и ќе побараат да се отцепат“. „Бојкотирам“ сметаат дека промена на името значи економска катастрофа за македонската економија, зошто, според нив, нашите производи нема да се купуваат во странство, бидејки никој нема да верува во квалитетот од производот произведен во држава која си го сменила името.

Меѓу јавните личности кои ги шират пораките на ова неформално движење има политичари, професори, претставници на дијаспората. Едни од најгласните поддржувачи на опцијата за бојкот на референдумот се професорите Билјана Ванковска и Димитар Апасиев, потоа лидерите на најавените нови политички партии како Солза Грчева и Љупчо Палевски, Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора и други.

Во меѓувреме, организацијата „Млади за Македонија“ зад која стојат студенти, официјално ја започна кaмпањата за бојкотирање на референдумот со поставување штандови низ Македонија.

Дали договорот го загрозува македонскиот идентитет?

Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција е прашањето за кое треба да се изјаснат граѓаните на 30 ти септември. Аналитичарите велат дека во следниот период на граѓаните треба убаво да им се објасни што се содржи договорот со Грција, кои отстапки Македонија морала да ги направи и кои придобивки би следувале од зачленувањето во ЕУ и НАТО. Содржината на Договорот предизвика различни толкувања во јавноста, особено во однос на тоа дали со него се загрозува македонскиот идентитет или истиот е загарантиран.

„Апсолутно сметам дека Договорот што е постигнат со Грција, во ниту еден случај не го загрозува националниот идентитет, од причина што со него се гарантира идентитетот. Република Македонија нема ниту во блиска ниту во далечна иднина да добие подобар и поповолен пакет од оној сега, од причина што не се менува ниту химна, ниту знаме, ознаките за меѓународна употреба остануваат такви какви што се, освен оние кои ќе се променат на регистарските таблички, потоа јазикот е исто така загарантиран дека е македонски, така што не сметам дека идентитетот е загрозен преку овој договор“, изјави политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

Сосема спротивно мислење има политичкиот аналитичар Александар Даштевски, според кого иако промената на името навидум не значи промена на идентитет, но тоа е како што вели, само еден од атрубитите преку кои се брише идентитетското прашање.

„Инаку идентитетот се загрозува најмногу со промена на историја, култура и образование, што го има во Договорот и што треба да почне да се реализира веднаш по стапување на договорот во сила. Значи ако 2018 е крај треба да се оствари договорот, 2019 треба да се формира комисија која ќе ги менува историските факти и топонимите пред сè. Ако некој ви ја менува културата, тогаш комплетно го бришеме идентитетот, не го зацврстуваме“, вели Даштевски.

Даштевски уверува дека националните кодови МК и МКД нема да останат, иако договорот го тврди токму тоа.

„Она МКД и МК е замка, нема да остане. Ако го прочитате добро договорот ќе видите дека ќе се формира во рок од една година друга комисија која ќе разговара за топонимите и за логоата, симболите и други знаци. И во тоа ќе се вклучат и Обединетите Нации. Сега бидејќи сме Северна Македонија, глупаво е да бидеме МКД, никој нема да го препознава тој знак и тоа прашање треба да се реши во рок од пет години. Значи и тоа се менува, сè се менува“, уверува Даштевски.

Што содржи Договорот за името со Грција

Во договорот за решение на спорот за името, земјата се обврзува новото име преку амандманска интервенција да го постави за ново име на државата во Уставот.

Идентитетот останува македонски, a во патните документи ќе стои граѓани на Република Северна Македонија.

Во делот за официјалниот јазик стои ,,македонски јазик, регистарските таблици би биле со код „НМ" или „НМК" додека дека националните кодови „МК" и „МКД" остануваат како што налага Mеѓународната агенција за стандардизација.

Во членот 7 од Договорот стои дека: Сфаќањата на двете страни за термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.

Според Договорот, кога Грција ги користи овие термини тие не се однесуваат само на делот на Македонија кој е во нејзината територија, туку и на Хеленистичката цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката па до денес.

Кога пак, македонската страна ги користи овие термини, тие се однесуваат само на нашата денешна територија, јазик, луѓе, со нивна сопствена историја, култура и наследство, кое се разликува од она во претходниот член.