Владата в среда на седница ќе ги дефинира планот и програмата за претстојниот референдум, при што ќе се знае и колку пари ќе се издвојат за кампањата. Владата на последната седница ги задолжи министерствата во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата кои ги имаат на располагање и кои може да се пренаменат за кампањата за референдумот.
Рокот помина, а од Владата упатуваат до Министерството за финансии околу тоа дали министерствата предложиле одредени суми на пари за кампањата. Од Министерството за финансии, пак, велат дека Владата ќе ги соопшти сите информации поврзани со кампањата. По обелоденување на планот и програмата на Владата за референдумот, според најавите, набрзо и официјално треба да започне кампањата.
Но, според најавите на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, собраните пари ќе бидат пренасочени кон Собранието кое всушност ќе ја води кампањата.
„Она што е јасно е дека практично Владата не сака да биде главниот актер, заради тоа што Собранието е тоа што ја донесе одлуката за референдум, и со тоа ќе покажеме дека владата нема политичка или партиска агенда, туку навистина по ова прашање е сконцентрирана на клучниот интерес на Република Македонија: да не биде изолирана држава, да биде држава со перспективи, да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ“, рече Шекеринска.
Шекеринска откри и дека Министерството за одбрана ќе издвои речиси милион евра за кампањата. Собранието в среда треба да има координација на парламентарните групи за референдумот.
Согласно Законот за референдум, овластениот предлагач во случајов Собранието е тоа кое треба да ја спроведува кампањата на свој трошок и да достави финансиски извештај до ДИК за потрошените пари. Тоа би значело дека на секоја од парламентарните партии и следуваат пари и доколку сака може да води кампања. Тоа го тврди претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа, кој изјави дека во Собранието одлуките се со мнозинство, меѓутоа од кога ќе се донесе одлуката важи за сите нив, така што сите имаат право на јавна пропаганда.
Од Единствена Македонија кои се за бојкот на референдумот, упатија предупредување до министерствата и другите државни органи дека одвојувањето пари само за владината кампања за референдумот нема уставна и законска основа. Според нив, има две опции. Или и Владата и противниците да се финансираат од буџетот, или и на двете страни да не им се дозволат буџетски средства за кампањата за референдумот.
Во Собранието неодамна беа усвоени измените на Изборниот законик со кои се предвидува од буџетот да се обезбедуваат средства за платеното политичко рекламирање за време на избори.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го донесе упатството за медиумско претставување за време на референдумот. Според упатството, радијата и телевизиите може да издвојат вкупно по девет минути за платена јавна пропаганда, при што четири ипол минути за оние субјекти кои ќе агитираат да се одговори со „за“ на референдумското прашање, а останатите четири ипол минути за оние кои сакаат да водат кампања против или за бојкот на референдумот. Цените за услугите на јавната пропагандата, согласно упатството, треба да бидат исти за сите.