Македонско - бугарската комисија не пишува историја

Архивска фотографија- Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов во посета на Македонија, на покана на премирот Зоран Заев

За историчарите во Комисијата за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија да можат да работат мора да постои консензус меѓу политичките елити, вели Петар Тодоров, член на комисијата коментирајќи ги последните искричења меѓу Софија и Скопје.

Во период од една година откако беше потпишан договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија односите на политичарите од Софија и Скопје беа пријателски. Тоа беше така се до месецов кога изјавата на премиерот Зоран Заев дека Илинденското востание било македонско предизвика силни реакции од неговиот бугарски колега Бојко Борисов и од бугарскиот претседател Румен Радев. Ова се случи и по првиот состанок на заедничката мултидисциплинарна Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија кој се одржа во почетокот на минатиот месец.

Петар Тодоров од Институтот за национална историја, кој е и член на Комисијата, вели дека како историчар би им порачал на политичарите да не им слугуваат и да не робуваат на националистите и на нивните изјави и заблуди.

Но, како член на Комисијата би им порачал на политичарите од двете страни дека за успешна работа на една комисија потребен е консензус на елитите во општеството. Ако тој консензус не постои многу е тешко да очекуваме успешна работа или да очекуваме дека Комисијата по историски и образовни прашања ќе даде резултат. Доколку се продолжи со ваков тип на изјави кои се одлика на минатите времиња и кои предизвикуваа конфликти, тогаш како член на комисијата сметам дека не требаше и воопшто да се формира”, вели Тодоров.

Македонија - Бугарија: Политика на решенија, а не на проблеми

И Ана Чупеска - Станишковска, политиколог од правниот факултет Јустинијан Први вели дека за историските теми треба да се остават да разговараат членовите на комисијата. Таа на последните препукувања меѓу македонските и бугарските политичари гледа како на “нормални недоразбирања” при спроведувањето на Договорот за добрососедство.

„Јас не ги доживувам трагично тие препукувања особено ако се земе предвид дека имаме договор. Во спроведувањето на самите договори може да се наиде и на извесни недоразбирања кај двете страни и може да се случи некогаш вака да се препукуваат, но на крајот обврските од Договорот остануваат“, вели Чупеска - Станишковска.

Инаку, заедничката мултидисциплинарна Комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија досега одржа една средба во Софија на втори и трети јули.

Заврши првата средба на заедничката комисија на Македонија и Бугарија

Во краткото соопштение што тогаш го испрати Министерството за надворешни работи се наведува дека “на средбата биле разгледани и утврдени начелата и методологијата за работа на Комисијата, согласно принципите за заемно разбирање и академска заснованост, како и досегашните позитивни европски искуства”. Во него се најавува дека следната средба ќе се одржи во втората половина од годинава во Македонија.

Тодоров, во интервјуто на Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, вели дека комисијата претставува дијалог во кој двете страни ги претставуваат своите гледишта и кажуваат што им пречи во учебниците по историја. Тој вели и дека комисијата нема мандат да им кажува на историчарите како да работат и како да ја пишуваат историјата туку дека тоа е оставено на историчарите во Македонија и во Бугарија.