Владата се уште без план и пари за кампањата за референдумот

Влада на Република Македонија

Планот и програмата за претстојниот референдум ќе се дефинираат на наредната владина седница, по што и официјално ќе започне кампањата. Владата за таа цел побарала пари од министерствата, но не се знае колку средства ќе бидат протрошени за кампањата.

Владата ја донесе одлуката за спроведување на кампањата за референдумот, но се уште не се знаат деталите, туку само дека планот и програмата ќе бидат договорени на следната седница во наредната недела. По нивното дефинирање и официјално ќе започне кампањата која има за цел да ги информира граѓаните за придобивките од прифаќањето на договорот за името со Грција.

Портпаролот на Владата, Муамет Хоџа вели дека не се знае ни колку пари ќе бидат потрошени за таа цел, но Владата ги задолжила министерствата во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата кои ги имаат на располагање и кои може да се пренаменат за кампањата за референдумот.

„Значи средства кои тие ги поседуваат по различни ставки во рамките на министерството. На пример средства кои се заштедени од репрезентации на министрите. Истите ќе можат да пратат информација до Министерството за финансии и средствата да може да се искористат за референдумот“, изјави Хоџа.

На прашањето како ќе се одвива финансирањето, Хоџа посочува дека Владата ќе биде транспарентна и отчетна и ќе ги почитува одредбите од Законот за референдум. Но, Законот за референдум според членот 12 предвидува само дека овластениот предлагач од сопствен буџет ќе ја води кампањата за референдумот, а во случајот тоа е Собранието.

Според поранешниот член на Државната изборна комисија, Субхи Јакупи проблемот е што ова не е прецизирано во Законот за референдум за тоа како Владата и други заинтересирани страни би требало да ја водат кампањата и на кој ќе одговараат.

Кој ќе ги контролира средствата што ги трошат, од каде се тие пари, дали имаат право на тие пари, дали ќе поднесат финансиски извештај, на кому ќе му дадат финансиски извештај и која институција има право да ги контролира во време на кампања и по кампањата нивните извештаи?”, вели Јакупи.

Од ДИК велат дека јавната пропаганда може да ја спроведуваат сите заинтересирани страни. Досега Владата за објаснување на содржината на договорот на социјалните мрежи потрошила сто евра.