Многу непознати со финансирањето на кампањата за референдумот

Собрание на Република Македонија

Законот за референдум не предвидува многу работи поврзани со финансирањето на јавната пропаганда. Упатените сугерираат две опции за да се избегне неизвесноста- или Собранието да даде автентично толкување или ДИК да донесе подзаконски акт.

Од чии пари ќе се финансира јавната пропаганда што би ја воделе сите заинтересирани страни за референдумот- кампусот „за“, „против“ и за бојкот? Ова прашање се поставува откако и по официјалниот почеток на јавната пропаганда се уште не се докрај разјаснети темите поврзани со парите и референдумот.

Според членот 12 од Законот за референдум, овластениот предлагач може да води јавна пропаганда на свој трошок. Во случајот со претстојниот референдум тоа е Собранието, бидејќи предлогот за распишување беше на пратениците од владејачкото мнозинство. Но, парламентарците се на годишен одмор и се уште не се знае каква ќе биде нивната одлука за вклученоста на Собранието.

Поранешниот член на Државната изборна комисија, Субхи Јакупи, поради непрецизираноста на Законот за референдум се повикува на Изборниот законик и вели дека Собранието како овластен предлагач, ако сака да го искористи правото за јавна пропаганда, треба да отвори посебна сметка за да собира пари за таа намена.

„Мислам дека треба или Собранието да даде автентично толкување на Законот за референдум или да и остават на Државната изборна комисија да донесе подзаконски акт со кој добро ќе го регулира и ќе го разјасни членот за да може предлагачот да врши пропаганда”, вели Јакупи.

Посебен простор само за Собранието

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа, пак, рече дека собранието може, ако сака, а и не мора да води јавна пропаганда.

„Тука се мисли на Собранието во целина, на сите 120 пратеници, затоа што таму одлуките се носат со мнозинство, меѓутоа од кога ќе се донесе одлуката важи за сите нив, така што сите имаат право на јавна пропаганда“, рече Деркоски.

Забрани за тоа кој може да води кампања за референдумот нема, но има разлики во начинот на финансирањето. Имено, според одлуката на Државната изборна комисија, само Собранието како овластен предлагач има определено посебен простор за јавна пропаганда кој го обезбедуваат радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми.

Сите останати, како што одлучи комисијата, може да имаат свое медиумско претставување, но пристапот до медиумите е по пазарни услови.

Јакупи, пак, на речиси секое прашањето поврзано со парите, кампањата и Законот за референдум дава сличен коментар. Не е прецизирано, не се знае и ќе се појават проблеми, вели тој и за можноста владата и други заинтересирани страни да водат кампања.

Нејасно е и кој ќе ги контролира парите

Кој може да финансира, кој може да донира и колку, прашува Јакупи додавајќи дека во Изборниот законик тоа е регулирано за изборите, но во Законот за референдум го нема.

И не само владата, може ќе се појават и разни организации кои ќе водат кампања па се поставува прашањето на кому тие ќе му одговараат, кој ќе ги контролира средствата што ги трошат, од каде се тие пари, дали имаат право на тие пари, дали ќе поднесат финансиски извештај, на кому и кој треба да ги контролира во време на кампања и по кампањата нивните извештаи?”, вели Јакупи.

Инаку засега најактивни претежно на социјалните мрежи се две групи- едната за референдумот и гласањето за и другата за бојкот. Речиси и да нема повици за гласање против. Позасилена кампања се очекува да почне кон крајот на месецов.