Владата официјално се уште не ја започнала кампањата за претстојниот референдум, иако на социјалните мрежи може да се забележи дека се работи на тој план. Низа фотографии со хаштагот „факти за договорот“ се актуелни на социјалните мрежи кои се постирани од премиерот Зоран Заев, министри и функционери во Владата. Креирана е и фејсбук група „Да за европска Македонија“ во која се повикуваат граѓаните да излезат и да гласаат на референдумот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од неодамна на социјалните мрежи може да се забележат и неколку групи за бојкот на референдумот кои немаат официјални претставници. Организацијата „Млади за Македонија“ зад која стојат студенти, официјално ја започна кампањата за бојкотирање на референдумот со поставување на штандови низ Македонија.
Под слоганот „Македонија бојкотира“ кампања започнаа и партии и невладини организации предводени од Јанко Бачев. Меѓу нив се Христијанско братство, Единствена Македонија, Македониум, Аманет 1903, Трета партија на Македонците, Тврдокорните, ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека сите оние што организирано се за бојкот на референдумот се против членството на Македонија во НАТО и ЕУ, што значи дека нивниот интерес и влијание потекнува од други фактори.
„Периферно влијание од земји кои не се членки на ЕУ, а тоа сигурно не треба да го запоставиме затоа што ВМРО-ДПМНЕ преку овие да ги наречам „сателит“ партии или организации ќе се обиде да го бојкотира референдумот. Најверојатно тие нема да смогнат сили да го бојкотираат затоа што нивните обврски не се насочени само во Република Македонија. Но, еве вака шурувајќи со овие мали политички партии на Јанко Бачев и не знам какви братства ќе се обидат да го остварат тоа што потајно го посакуваат референдумот да не успее“, вели Дујовски.
Засега поприсутни во јавноста се токму повиците за бојкот, а од Владата го повторуваат ставот дека во согласност со Законот за референдум ги разгледуваат можностите за реализација на кампања од јавен интерес за информирање за прашањето кое го третира референдумот.
Според Дујовски и Владата и оние што го поддржуваат референдумот треба поактивно да се вклучат и очекува кампањата да почне во најбрз можен рок.
„Добро е на Илинденска да се свестат дека кампања мора да имаат подготвена и таа веќе да се пласира во јавноста. Луѓето немаат доволно информации. Кога сте оставени само на информации од едната страна и оние кои се неутрални ја слушаат само таа страна и ќе донесат одлука каква што ќе имаат можност да слушнат. Мислам дека е многу погрешно тоа што во Македонија во овој момент прашањето е „за“ или „бојкотирам“ нема против и луѓето немаат можност да изберат или остануваат дома или гласаат „за“, оние што ќе бидат против ќе бидат минорен број што ќе се сведе само на оние неважечки ливчиња“, додава Дујовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега без став дали партијата ќе ги повика поддржувачите да излезат или да го бојкотираат референдумот.
Во меѓувреме западни дипломати преку таканаречената „Охридска група“ во отворено писмо упатија повик до граѓаните на референдумот да заокружат „за“.Американски сенатори во Сенатот предложија резолуција за поддршка на договорот за името со Грција.