Неразградливите загадувачи се сериозна закана за здравјето

Давор Пехчевски од граѓанската организација „Еко-свест.“

Перзистентните органски загадувачи предизвикуваат сериозни нарушувања на здравјето на граѓаните, како различни видови на канцер, вели Давор Пехчевски од граѓанската организација „Еко-свест“ во разговор за РСЕ. Тој вели дека приритет во однос на овие загадувачи е депонијата со линдан во Охис.

Господине Пехчевски, објаснете што се перзистентни органски загадувачи.

Перзистентни органски загадувачи се група на органски хемикалии кои се произведени од човекот и имаат одредени хемиски својства кои ги прават доста опасни и заради кои лесно се распространуваат во природата. Нивниот хемиски состав не се менува долг временски период и заради тоа се наоѓаат дури на места каде што никогаш не биле произведени или употребувани, како на пример на Антартикот. Перзистентните органски загадувачи главно се поделени во три групи: пестициди, индустриски хемикалии и ненамерно произведени загадувачи. Пестицидите главно се користеле во минатиот век, меѓутоа сега веќе се забранети за употреба и застарените залихи се исфрлаат и се уништуваат. Индустриските хемикалии исто така главно се користеле до 2004 година, тие се забранети, веќе не се употребуваат, меѓутоа се уште постојат во одредени производи: во домаќинствата и на депониите во поголеми количини. Ненамерно произведените загадувачи се хемикалии кои се произведуваат при одредени индустриски процеси или при намерно или ненамерно согорување на отворен простор.

Колкаво е загадувањето во Македонија од перзистентните органски загадувачи?

Во моментов тешко е да се процени точно степенот на загадување со овие загадувачи, бидејќи главно голем дел од податоците од мерењата се резултат на проценки, а не на конкретни мерења. Она што со сигурност може да се каже е дека има големи последици во однос на количината на перзистентни органски загадувачи од депонијата со линдан во Охис. Исто така има гелема емисија од ненамерно произведен загадувачи од горење на депониите, од шумски пожари, но и од горење на несоодветни горива за загревање на домаќинствата. Тука мора да се нагласат индустријата и производството на енергија со фосилни горива. Од ова може да се заклучи дека од тие што се намерно произведени нема голема закана за населението, со исклучок на депонијата со линдан, но од ненамерно произведените перзистентни органски загадувачи има доста големи количини од најразлични извори и се сериозна закана по здравјето на граѓаните на Македонија.

Какви можат да бидат последиците за здравјето на граѓаните од изложеност на перзистентни органски загадувачи?

Главните последици кои прозлегуваат од изложеност на перзистентни органски загадувачи се најразлични типови на рак, а предизвикуваат сериозни нарушувања на имуниот систем, на невролошкиот систем, предизвикуваат различни заболувања на ендокриниот систем со што се придизвикуваат последици од типот на преран пубертет кај младите. Исто така некои од овие супстанци можат да предизвикаат нарушувања уште во младиот развој на децата, на пример срцеви заболувања и наразлични метални ретардации.

Што може државата да направи за намалување на изложеноста на перзистентите органски загадувачи?

Еден од приоритетите во однос на перзистентните органски загадувачи останува депонијата со линдан во Охис, тоа е еколошка жешка точка, не само на државно, туку и на европско ниво. Главната опасност, покрај составот на депонијата, произлегува и од тоа што е во густо населено градско подрајче. Државата може посериозно да работи на намалување на аерозагадувањето, кое исто така е поврзано со емисијата на перзистентни органски загадувачи. Голем дел од составот на аерозагадувањето е последица на загадување од овие хемикалии, кои се емитуваат преку процесите од согорување на отворени. Како многу важен сегмент кој може да го направи државата, исто така е сериозно подобрување на селекцијата и третманот на отпадот, со што ќе се намали палењето на депониите и ќе се намали количеството на отпад кој завршува на депониите, а веќе е контаминиран со некои од овие хемикалии. Нешто што може да се направи заедно со граѓанскиот сектор е подигнување на јавната свест на граѓаните и на донесувачите на одуки за здравствените последици од овие загадувачи, со тоа што и граѓаните ќе можат да придонесат со што нема да користат несоодветни горива за затоплување на домаќинствата.