Повеќе пари од буџетот за партиите, а помалку од донаторите

Политичките партии наместо два милиони евра од буџетот сега ќе добиваат пет милиони евра. На сметка на тоа се намалуваат донациите од правните и физичките лица.

Политичките партии со новите законски измени ќе добиваат два ипол пати повеќе пари од буџетот, а ќе продолжат да примаат донации, но сумата ќе биде намалена. Согласно измените на Законот за финансирање на политичките партии кои беа донесени во Собранието пред два дена, наместо 0,06 отсто партиите сега ќе добиваат 0,15 отсто од буџетот. Доколку се земе предвид дека буџетот за 2018 година изнесува околу 3,4 милијарди евра за партиите би се издвоиле околу 5 милиони евра, наместо два милиони евра. Триесет отсто од парите се наменети за малите партиите, а останатите 70 отсто за големите партии.

Со измените се намалува сумата за донации, односно правните лица повеќе нема да можат да издвојуваат за партиите 150 просечни плати, туку се ограничени на 60 просечни плати. Физичките лица пак наместо 75, ќе може да донираат 30 просечни плати. Партиите ќе може да се финансираат и од кредити, а и да поседуваат земјиште што не беше пракса досега.

Инфографик за финансирање на политички партии.

Носењето на овој закон, јас мислам, има за цел да стави ред во финансирањето на политичките партии, затоа што досега беа познати доста злоупотреби и уцени на одредени носители на функции и сопственици на правни лица и итн. Ако е тоа целта, што е најверојатно, јас сметам дека ова е позитивно“, вели поранешниот јавен обвинител и антикорпуционер Јован Трпеновски.

Со него не се согласува универзитетскиот професор Никола Дујовски, кој вели дека измените се донесени со цел да се задоволат партиите.

Сега добиваме еден закон којшто повеќе ги задоволува интересите на политичките партии, отколку навистина да се грижи за квалитетот и за европските практики во регулативата во Република Македонија. Тогаш кога ќе ги отвориме преговорите за членство со ЕУ, кога ќе дојде време за соодветното поглавје сигурно овој закон ќе претрпи повторно измени во насока да биде европски. Сега тоа не е европски закон“, вели Дујовски.

Според Трпеновски, реализацијата на законот и контрола на трошењето на парите мора да има и треба да престанат уцените на политичките партии кон донаторите, особено кон правните лица. Тој очекува партиите да даваат отчет за добиените и потрошените финансии, а Државната изборна комисија да биде на висина на задачата и да ги контролира.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудија и измените во Изборниот законик кои беа усвоени и со кои се предвидува дека рекламирањето на политичките партии за време на изборите ќе се плаќа од буџетот, наместо од нивната сметка.