Достапни линкови

Партиските пари тешко се следат


Изборната кампања не е почната, а партиите наголемо трошат и се рекламираат. Првичните истражувања покажуваат дека тие се уште се финансираат преку сомнителни донации. Пржинскито договор дава надеж дека работите за овие избори може малку да се сменат, но секако има и сомнежи. Во развиениот светот пак партиите се транспарентни за парите.

Колку пари толку гласови. Предизборната кампања официјално не е почната, но партиите одамна се растрчани во лов на гласови. Не штедат пари, а тоа го покажува и неoдaмнешниот извештај на Транспаренси интернешнл Македонија и Центарот за економски анализи. Тие го мониторираат трошењето пари во предизборниот период. Според нивните проценки за два месеци, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ потрошиле по 50 илјади евра од своите редовни сметки и тоа за отворање на локални канцеларии, средби со граѓани, интернет огласување. Додека пак ДУИ во овој период потрошила 25 илјади евра. Останатите партии не покажале политичка активност во овој период, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл Македонија. Во исто време, додава таа, двете најголеми политички партии ги користат социјалните мрежи за рекламирање, иако тоа во овој период е забрането, но го користат тоа што Агенцијата за медиуми не ги следи социјалните мрежи.

Сè додека не се вклучи УЈП да провери дали овие средства, кои граѓаните ги донираат, се легално заработени и легитимни средства, сè до тогаш ќе се сомневаме дека на сметките на политичките партии влегуваат „црни“ пари.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернешнл Македонија.

Црни пари на партиските сметки

При набљудувањето се утврдило и дека партиите се уште се финансираат преку сомнителни донации. Тасева вели дека ако се разгледаат списоците на донаторите, може да се види дека дел од нив се невработени, а донирале високи суми пари. Тоа доведува до сомнеж дека партиите се финансираат со нелегални пари, вели таа.

„Сè додека не се вклучи УЈП да провери дали овие средства, кои граѓаните ги донираат, се легално заработени и легитимни средства, сè до тогаш ќе се сомневаме дека на сметките на политичките партии влегуваат „црни“ пари.“

Сомнителни донации и донатори, нецелосните партиски финансиски извештаи, неажурни институции го подгреваат сомнежот дека парите во политиката и годинава ќе останат мрачната страна на изборите.

Пред избори се ветува сè и сешто

Субвенции, даночни олеснувања, отпишување долгови, пари за самовработување, на кого два километри пат, на кого три, па бесплатен превоз, бањи... Сите овие предизборни ветувања паѓаат на грбот на граѓаните. Новиот таргет на овие избори се младите. Мерките се движат од субвенции за живеалиште до бесплатна корекција на диоптер за студентите. Ваквите најавени мерки се предизборни и непромислени во целост, затоа што никој не внимава на приоритетните потреби, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.

Сите во светот прво одат ги мерат потребите, па мерките, па приоритетите, па дали имаат пари за сето тоа. Па за сето ова разговараат, општествената заедница ја вклучуваат. А кај нас сето ова може да се објасни како едно неодговорно редење на сè она што ќе им текне на хартија.
Александар Цветкоски, АГТИС.

„Сите во светот прво одат ги мерат потребите, па мерките, па приоритетите, па дали имаат пари за сето тоа. Па за сето ова разговараат, општествената заедница ја вклучуваат. А кај нас сето ова може да се објасни како едно неодговорно редење на сè она што ќе им текне на хартија.“

Колку пари толку гласови

Парите се пресуди при изборот за кого ќе гласаат граѓаните, вели Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија.

„Можам да кажам навистина дека парите се пресудни. Доколку партијата има пари, особено буџетски средства, не средства на партија многу лесно може да се поткупат гласачите и тоа, за жал, бидејќи во Македонија нивото на сиромаштија е многу високо може да се поткупат гласачи за многу евтини пари, за 500 или 1.000 денари.“

Државата во неколку наврати се задолжи повеќе од што планираше, а искуството покажува дека владата секогаш ги прави најголемите задолжувања пред избори.

„Имајќи предвид дека заради претстојните избори државата сака да го искористи во максимален износ планираниот буџетски дефицит за 2016 година. Тоа ќе предизвика последици во натамошната реализација на буџетот после изборите што може да води до нов ребаланс на буџетот и зголемување на планираниот буџетски дефицит за оваа година“, вели професор Зоран Ивановски.

Можам да кажам навистина дека парите се пресудни. Доколку партијата има пари, особено буџетски средства, не средства на партија многу лесно може да се поткупат гласачите и тоа, за жал, бидејќи во Македонија нивото на сиромаштија е многу високо може да се поткупат гласачи за многу евтини пари, за 500 или 1.000 денари.
Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија.

Опозицијата смета дека владата се задолжува за да ги „истури“ тие пати во предизборниот период.

„За сите неправилности во позадина стојат многу пари, ваквите диктаторски режими ги користат парите кои за нив изгледаат најевтини, а тоа се парите на граѓаните, смета дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов.

Финансирањето на изборните кампањи на партиите е под надлежност на неколку институции, регулативата е добро, проблемот е што тие не си ја вршат својата работа и што нема политичка волја работите да се променат, констатираат познавачите. До Суд дошле неколку предмети за изборно финансирање, а до затвор дотурка само Љубе Бошковски, за неговата „Кампања“. Актуелен е случајот „Титаник кој го покрена Специјалното обвинителство за изборен криминал во кој се вклучени високи функционери.

Договорот од Пржино носи надеж, но и сомнежи

Со објавувањето на опозициските бомби, јавноста имаше можност да чуе дека цела машинерија е вклучена во изборни нерегуларности. Криминал, изборен фалсификат, затварање на буџетски дупки, мито и корупција, партиски вработувања и притисоци. Ова се само дел од темите во објавените телефонски разговори за кои опозицијата тврди дека се прислушувани разговори на високи функционери од страна на македонските тајни служби. А од Специјалното обвинителство покренаа предмет поради како што наведоа криминализација на изборниот процес. Договорот од Пржино за надминување на кризата предвидува реформи со кои треба да се обезбедат услови за транспарентно финансирање за време на изборната кампања. Има недежи дека нештата може да се подобрат, но има и сомнежи.
„Работите се менуваат, гледаме дека секојдневно се менуваат, така што сметам дека ќе има малку потранспарентен процес и дека институциите што се надлежни сепак ќе се охрабрат и ќе излезат и ќе кажат како се трошат парите во партиите, односно од каде партиите ги добиваат парите, меѓутоа дека нешто многу брзо ќе се промени, сметам дека тоа нема да се случи, ќе треба време“, вели Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија.

Политичарите се рекламираат на вести

Години наназад медиумите беа едно од главните финансиери на партиите во предизборието. По дампинг цени отстапуваа простор за партиите, особено за владејачката, а потоа таа им се одолжуваше со реклами. Пред овие избори работите малку се сменија, или барем требаше да се сменат. Со пржинскиот договор владата престана да се рекламира на телевизиите, но вестите прераснаа во платено политичка програма на владејачката партија.

Друг пример со финансиите на партиите е случајот за кој пишуваше нашето дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ потрошила речиси триста илјади евра дадени на американски консултантски компании за подобрување на меѓународен имиџ.

Следи ги парите, - е позната фраза во врска со сомневања за коруптивни активности, особено во политиката. Или пак, фразата нешто за нешто, кога некој вложува големи пари за нечија кампања, нормално дека и очекува нешто за возврат. Лупчо Наќев.

Кога е во тек кампања за избори, во оптек се големи суми пари, барем така е во развиените земји. Особено во Соединетите Држави. Парите, од сопствени извори, од донации, од спонзори, мали и големи, можат да играат пресудно влијание во победата на изборите. Затоа и изворите на финансирање на одредени кампањи и трошоците, мора да бидат целосно транспаренти и лесно проверливи.

Избори: „Следи ги парите“
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:20 0:00

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, кој е во водство, често пати повторува дека не му се потребни пари од донатори и подржувачи за финансирање на неговата кампања, бидејќи има доволно. Но, дали е баш така. Неговите приврзаници велат дека против – кандидатите трошат милиони долари за да го напаѓаат. Затоа, поединечно донатори му испраќаат помали суми, од 50 до 100 долари, со цел да ја подржат кампањата на Трамп. Почнаа да се вклучуваат и поголеми донатори и со поголеми суми пари. Било да е мал и голем донатор, секој е со име и презиме и за секого се знае колку точно донирал. Трамп иако повторува дека сам си ја финансира кампањата, што исто така е точно, без парите од донаторите не би можел да ја спроведе до крај.

Другиот републикански претседателски кандидат, Тед Круз ги повика сопартијците да се обединат и да застанат зад неговата кампања, доколку сакаат Трамп да биде победен. Тоа, меѓу другото, значи и апел за повеќе донации за кампањата на Круз. Тој засега води традиционална кампања, трошејќи пари за рекламирање, персонал и повици до гласачите. Иако, во февруари и во март, Круз значително ги зголемил трошоците за кампањата, досега не успева да му се доближи на Трамп во кандидатурата за претседател во рамките на Републиканската партија. Во последно време, Круз честопати повторува дека доколку Трамп победи во рамките на републиканците, тогаш нов американски претседател ќе стане кандидатот на Демократите, Хилари Клинтон. Со таквите оценки на Круз, со кои се согласуваат многумина, всушност треба да се анимираат поддржувачите на поголеми вложувања во неговата кампања.

Како и да е, иако во кампањите за претседателските избори во Соединетите Држави се трошат големи суми пари. Станува збор за стотици милиони долари. Текот на парите никој не смее да го крие, а доколку биде откриено некакво скриено финансирање на кампања, тој кандидат би бил отпишан од натамошната трка. Меѓутоа, и покрај федералните прописи, во САД и натаму има големи дебати околу начините на финансирање и трошење во изборните кампањи. До каде е слободната волја, а каде почнува можноста за корупција. Таа дилема не ја расчистија ни многуте измени во американското законодавство во оваа сфера. Сепак, Американците будно ги следат парите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG