Бесплатна корекција на диоптрија за студенти, бесплатен здравствен преглед за младите, прво на бесплатно возење низ Македонија двапати месечно со воз, а за тие што ќе учат напорно Владата може да ги испрати и во Париз на прошетка. За младите што сакаат да одржуваат линија, ќе има нови фитнес зони. За вљубениците во книгата и студиите ќе има нови читални, само треба да внимаваат да не остануваат таму до доцните часови, затоа што полицијата при последниот упад во читална не веруваше дека луѓе учат и по 23 часот. Тие, пак, што се љубители на музиката, ќе може да посетат неколкудневни студентски фестивали.
Можеме да кажеме слободно дека диоптерот на младите им е 20 од 20, па можат од далеку да видат дека ова е уште едно популистичко предизборно ветување кое секако нема да доведе до подобро вистинско образование.Деа Здравковска, Студентски пленум
Ова се само дел од 40-те мерки за младите кои ги најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Леќите за млади може да се набават и во розова нијанса, се шегуваат на социјалните мрежи.
„Можеме да кажеме слободно дека диоптерот на младите им е 20 од 20, па можат од далеку да видат дека ова е уште едно популистичко предизборно ветување кое секако нема да доведе до подобро вистинско образование. Крајно време е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да се свести, да обрне внимание на тоа што е навистина значајно за Студентскиот пленум, а тоа е подобро и квалитетно образование“, вели Деа Здравковска од Студентскиот пленум.
Таа додава дека е потребно да се размисли како парите планирани за овие мерки да се искористат за подобрување на условите во кои учат средношколците и студентите.
Ваквите најавени мерки се предизборни и непромислени во целост, затоа што никој не внимава на приоритетните потреби, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.
„Сите настапуваат како фараони, така јас кажав, така да биде направено. Сите во светот прво одат ги мерат потребите, па мерките, па приоритетите, па дали имаат пари за сето тоа. Па за сето ова разговараат, општествената заедница ја вклучуваат, нормално сè е убаво да има. Дај боже во секое село да има базен, олимписки базен, но тоа знаеме дека не е остварливо“, вели тој.
Цветкоски смета дека ова е неодговорно редење на хартија сè што ќе им текна на политичарите.
„Тоа е кажано пред избори, никој на ова не смета, нити има пари, нити може да има пари за сето ова. Што треба, повторно да одиме на прераспределување, да земаме од едни да им даваме на други, да ги задолжуваме генерациите, значи сега внуците ми се задолжени, што да одиме на правнуците сега?“, прашува тој.