По формирањето на ДИК од СДСМ велат дека ќе има консултации меѓу политичките партии за спроведување на референдумот, а од ВМРО-ДПМНЕ дека договорот зависи од премиерот Зоран Заев. Референдумот, како што најави Заев, ќе се одржи на 30 септември и изрази уверување оти Парламентот до 30 јули ќе донесе одлука за негово распишување. Тој изрази подготвеност дека референдумот може да се спроведе и без опозицијата доколку не се постигне договор.
Заев на една од лидерските средби посочи дека можното референдумско прашање е - Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за името. Но, тоа не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ која бара прашањето да се однесува само на Договорот за името.
„По усвоените измени на законите, следно треба да се дефинира прашањето за референдумот и потоа и да се распише во Собранието на Република Македонија. Следните денови ќе се одвиваат консултации на овие теми“, соопштуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека има можност за консултации, но нема конкретни датуми.
„Дали ќе има договор зависи единствено од тоа дали ќе преовладува искреноста и разумот на Заев. Засега немаме нови најави од СДСМ за нова лидерска средба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев ја отфрли можноста за нови лидерски средби, туку консултациите продолжуваат меѓу парламентарните партии. Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека договореното прашање мора да биде прецизно, концизно и јасно.
„Онаа што е важно е да се договорат барем оние основни постулати околу тоа како треба да изгледа прашањето и што да биде вклучено во него. Суштината на референдумското прашање треба да биде договорената промена на името во Северна Република Македонија со евентуално додавање на ЕУ и на НАТО интеграциите како потсетување дека тоа се прави со таа цел. Но, тоа не може да биде основата на прашањето“, смета Божиновски.
Според него, доколку има политичка волја кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може да се постигне договор.
„Ако има некаков предлог да се излезе со контра предолг па нека се најдат на половина пат, но не е ова политички договор во кој треба да бидат задоволени и едната и другата партија. Ова е сепак прашање кое најмногу ги засега граѓаните на Република Македонија и мора методолошки да биде исправно“, додава тој.
Приближување во ставовите на партиите имаше околу тоа како да биде спроведен референдумот. Заев порача дека тој е за консултативен референдум.