Шест години затвор доби бизнисменот Сеад Кочан, а Василие Авировиќ три години за случајот „Труст“ на СЈО за незаконското добивање на тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во РЕК Битола. Осудените треба да платат и парична казна од два милиона денари одделно или по околу 33 илјади евра. На фирмите кои учествувале на тендерот „Трансмет“ и „Силекс Неметали“ им е забрането учество на јавни повици 3 години. Воедно ќе биде конфискувана и имотната корист со која се здобиле фирмите од тендерот, или околу 17 милиони евра.
Судијката Лидија Трајковска Зимбовска рече дека невалидната документација е есенцијата на кривичното дело.
„Обвинетите свесно ги прекршиле правилата на постапката со цел да го добијат тендерот и да обезбедат за себе имотна корист“, рече судијката.
Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски по пресудата порача дека не побарале мерка притвор за Кочан, бидејќи сега законот и за пресуди од над 5 години затвор тоа не го обврзува.
„Во однос на него ние веќе имаме гаранција дека нема да се даде во бегство. Сега е невозможно да се употреби построга мерка и на тој начин тој се бранеше од слобода. По однос на конфискацијата можам да му честитам на судот. Ова е прво нешто вакво во Македонија“ истакна Бубевски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според него, пресудата за Авировиќ веројатно е пониска од минималната за делото која е 5 години поради неговите здравствени проблеми. Авировиќ не беше присутен во судницата на изрекувањето на пресудата.
Обвинетиот во случајот Сафет Ватиќ беше ослободен, како и фирмата „Вато“, бидејќи како што рече судијката, немале придонес во кривичното дело.
„Правдата дојде во Македонија. Конкретно за нас правдата е достигната. Конечно гледаме дека со новата власт и ваквите судења правдата е достижна за секого“, рече Мујо Ватиќ, брат на ослободениот и управител на фирмата „Вато“.
На Кочан исто така му се забранува да биде управител или одговорно лице на некоја фирма во рок од 3 години. На Авировиќ му се забранува да биде овластено лице за потпишување на тендерска документација исто така 3 години.