Неделници - Руски пари, спас од затвор и сива економија

Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“.

Фокус анализира за руските пари дадени да се организраат протести против Договорот за името, понатаму пишува и дека Груевски може да куртули од затвор ако Тенк и Траекторија застарат пред Суд. Капитал, пак, пишува за борбата против сивата економија.

Фокус - Руски пари за насилни протести против Договорот за името

Од актуелно поактуелно, откако премиерот Заев изјави дека проруски бизнисмени финансирале насилни протести во Македонија: „Каква е врската на Иван Савидис со две тутунски компании од Македонија“, ја загатнува на насловната страница неделникот Фокус својата тема со наднаслов: „Руски пари за насилни протести против Договорот за името“.

Авторот наведува дека ОЦЦРП, или Проектот за известување за организиран криминал и корупција кој истражува, покрај другите, и во државите на Југоисточна Европа и Западниот Балкан, објавил дека станува збор за рускиот бизнисмен со грчко потекло, Иван Савидис, кој дал најмалку 300.000 долари на македонски политичари, националистички организации и на навивачки групи за да го саботира Договорот за името. За таа цел, неговиот весник „Етнос“, продолжува неделникот со наводите на Проектот, неодамна направи бурна атмосфера во земјава со спинуваната изјава на премиерот Ципрас дека македонската нација не постои, кој всушност изјави дека во античко време не постоела македонска нација, а фудбалскиот клуб на Савидис, ПАОК ги поддржа антимакедонските протести во Грција. Фокус има информации, наведува авторот, дека надлежни институции во земјава испитуваат дали Савидис е поврзан со две компании со странски капитал што дејствуваат во тутунскиот сектор во Македонија.

„Тенк и Траекторија ќе застарат пред Груевски да биде осуден!?​

Фокус објавува уште еден интигирачко-загрижувачки текст по неофицијалните сознанија со кои располагал дека Договорот со Грција не е вистинската причина поради која ВМРО-ДПМНЕ го блокира изборот на новиот состав на ДИК, туку идејата да издејствуваат начин на кој претходното раководство на партијата ќе се спаси од затвор односно од обвиненијата на СЈО. Поточно, со измена на Кривичниот Законик според која би се намалила казната за „злоупотреба на службената положба и овластување“ а со тоа и делото би застарело по три години. Па така, неделникот објавува текст со наслов: „’Тенк‘ и ’Траекторија‘ ќе застарат пред Груевски да биде осуден!?“ Па ги поставува прашањата: „Дали работата на СЈО ќе падне во вода, а главниот ’актер‘ ќе куртули од затвор?“ наведувајќи дека е очигледно оти постои реална можност, екс премиерот Груевски да се спаси за два од пет предмети во кои е кривично гонет. „Фактите се следни“, пишува Фокус. „Доколку за ’Тенк‘ нема правосилна пресуда до октомври годинава, а за ’Траекторија‘ до истиот месец наредната година, тогаш застарува кривичниот прогон за овие дела на поранешниот премиер“. Се разбира, ако ВМРО-ДПМНЕ сега на чело со Мицкоски успее во тоа.

Капитал - Владата почнува битка со сивата економија

Сивата економија во земјава надминува 30 проценти од брутодомашниот производ, а „Владата почнува битка со сивата економија, сè помалку ќе може да се плаќа со ќеш“ – пишува во двобројот неделникот Капитал. Имено, со најновите измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, почнувајќи од 7 овој месец се забранува плаќањето со готовина на стоки и услуги во износ над 2.000 евра во денарска противвредност. Неделникот потсетува дека претходниот праг за плаќање со готови пари изнесувал 15.000 евра. Веќе од 1 јануари следната година износот за плаќање со готовина ќе се намали на 1.000, а од 1 јуни исто така догодина, тој износ ќе се намали на 500 евра во денарска противвредност. Сите еднократни плаќања, како и повеќе очигледно поврзани трансакции ќе мора да се прават преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги. Во Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам е внесена и новина, објаснува Капитал: со него се предвидува надзор и за носителите на јавни функции во Република Македонија кои во 2011 година беа исклучени од субјектите кон кои се преземаат засилени мерки за анализа.