Самитот во Хелсинки ги затопли американско-руските односи

Првите луѓе на двете моќни држави САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин изразија задоволство од средбата во Хелсинки. Разговорите траеја повеќе од четири часа, а по нив и двајцата претседатели изразија задоволство од релаксирањето на американско-руските односи

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин велат дека ги презеле „првите чекори“ за поправање на влошените односи меѓу САД и Русија на нивниот прв самит, откако Трамп ја презеде функцијата пред 18 месеци. Путин ги нарече разговорите во Хелсинки „многу успешни и корисни“ и посочи дека тој и Трамп разговарале за контрола на оружјето, за конфликтите во Сирија и Украина, трговијата и други прашања.

На заедничката прес-конференција по повеќе од четири часа разговори, Путин рече дека Трамп го покренал прашањето за наводното мешање на Русија на изборите во 2016 година и уште еднаш негираше какво било мешање од руска страна. Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека сакал Трамп да победи, бидејќи репрезентативниот кандидат изразил желба да ги подобри односите со Москва.

Првиот човек на Соединетите Држави, пак, рече дека тој директно му се обратил на Путин за наводите за мешање и дека „многу време посветиле на тоа прашање“, но не даде детали или конкретен исход од таа дискусија. Tој го повтори своето негирање дека има било каква поврзаност меѓу неговата кампања и Русија додавајќи дека истрагите на САД за ова прашање направиле сериозна штета.

Претходно, претседателот на САД се соочи со дополнителен притисок целосно да го прекине самитот, откако американското Министерство за правда на 13 јули обвини 12 руски разузнавачи за хакерство во американската демократска партија и протекување на украдени меилови и други информации за време на претседателската кампања.

Трамп ја бранеше својата одлука да се состане со Путин, велејќи дека „дипломатијата“ е клучна и дека „продуктивниот дијалог“ со Москва е добар за САД, Русија и остатокот од светот.

Двајцата претседатели изразија желба за разговори за контрола на оружјето. Путин изјави дека е важно да се започне дијалог за нуклеарно оружје и дека тој има конкретни предлози во оваа област. Тој, исто така, рече дека Русија и САД треба да го продолжат „Новиот договор за СТАРТ“ од 2010 година, со кој се поставуваат нови ограничувања за големината на нуклеарните арсенали на двете земји.

Инаку, на средбата помеѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп присуствувале само преведувачите, што наводно било желба на Трамп, иако не е официјално потврдено.

Кремљ одамна се обидуваше да организира самит, обложувајќи се на тоа дека Путин и Трамп добро ќе се разберат и ќе ја запрат острата надолна спирала во билатералните врски. Москва на самитот во Хелсинки гледа како на признание на САД за статусот на Русија како голема сила и задоцнето сфаќање на Вашингтон дека нејзините интереси мора да бидат земени предвид.

Трамп порано се состануваше со Путин на маргините на два меѓународни собира во минатата година, во Германија и Виетнам.