Амнестијата за инволвираните во насилството во Собранието не е услов за формирањето на ДИК, туку недонесувањето на законите кои биле договорени во пакетот закони кои треба да се носат со двотретинско мнозинство. Ова денеска го соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и претседател на Комисијата за избори и именувања која е надлежна за изборот на членовите на ДИК. Но, во тоа се сомневаат од СДСМ коишто сметаат дека во позадина е токму амнестијата, бидејќи за законите веќе имало постигнат договор.
ВМРО-ДПМНЕ бара пред да се расправа за прашањето да бидат донесени Законот за финансирање на партиите и Законот за Влада со кој ќе се воспоставува техничка Влада на 100 дена пред избори. Според Димовски, од непознати причини законите на кои инсистира ВМРО-ДПМНЕ досега не биле ставени во собраниска процедура.
„Според она што го знам станува збор за веќе усогласени работи заедно со пакетот на двотретински закони коишто пред два месеци се донесоа во насока на исполнување на критериумите за наше приближување кон ЕУ. Во тој контекст се надевам дека ќе се најде решение“, вели Димовски.
Од СДСМ реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже одговорност и да престане да ги блокира реформите и да се обидува да го кочи напредокот на Македонија кон членство во ЕУ и НАТО.
„Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии се одамна усогласени и ние сме подготвени веднаш да ги поддржиме во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ги прифати текстовите на законите, кои веќе се напишани. На сите треба да им биде јасно дека амнестија за криминал нема да има“, соопштуваат од СДСМ.
Од владејачката партија наведуваат дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да ја свика комисијата и да се изберат членовите на ДИК, што е предуслов за одржување на референдум.
Димовски пак потенцираше дека станува збор за комплицирана постапка за која е потребна целосна согласност од сите парламентарните групи.
Најпрвин комисијата ја утврдува прочистена листа на кандидати, која потоа се праќа кај претседателот на Собранието, по што партиите постигнуваат усогласеност за истата. Листата на кандидати повторно се враќа во комисијата, која конечната предлог одлука ја доставува до Собранието по што се свикува седница. За да се изберат кандидатите и во комисијата и на седница потребно е двотретинско мнозинство.
„Доколку нема усогласеност постои можноста комисијата да свика седница, но таквата процедура од старт ќе биде осудена на неуспех“, додаде Димовски.
Во Комисијата за избори и именувања ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат по 6 членови, а еден член е од партијата БЕСА на Биљал Касами.