Дел од отпадот од Македонија се извезува директно без поголем третман, а дел поминува подолг процес на третирање и како таков се продава, на пример стакло, хартија и пластика се извезуваат во Хрватска, Бугарија, Романија и други земји и ова претставува голема економска дејност за повеќе фирми во Македонија кои остваруваат добри приходи, објаснува Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија.“
„На пример, хартијата ќе ја селектираат, ја балираат и ја извезуваат; ПЕТ пластиката ја балираат, сецкаат, ја доведуваат до гранула и така ја извезуваат“, вели Јосифовски.
Рециклирачката индустрија во Македонија најмногу зависи од неформалните собирачи на отпад, вели Јосифовски. Тој истакнува дека неформалните собирачи на отпад селектираат и носат на рециклирање 80 до 85 проценти од целокупниот отпад во земјава кој се рециклира.
Јосифовски е еден од авторите на анализата „Вклучување на неформалниот сектор во одржлив систем за управување на отпадот како можност за вработување и за социјално вклучување на ранливите групи.“
Тој вели дека е потребно да биде признаена дејноста на неформалните собирачи на отпад, со што ќе добијат одредени права, на пример одреден период да не го губат правото на социјална помош, а здравствено осигурување да им биде загарантирано.
Според него, тие треба да бидат регистрирани и да им се определат региони каде ќе го собираат отпадот, кој потоа би го носеле во пунктови.
„За социјалната помош треба да им се даде грејс период во кој тие ќе можат да продолжат да ја користат, а би им се помогнало во форма на подобра организираност, односно собирање на отпадот од врата до врата, формирање на социјално претпријатие кое ќе биде поддржано и од локалната самоуправа и од националните власти“, вели Јосифовски.
За постигнување на формализирањето на неформалните собирачи на отпад и нивно вработување во организираниот систем за управување, во април оваа година, во месец април Град Скопје потпиша Меморандум за соработка со ЈУ „Комунална хигиена“, Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Go Green“, и Здружението Ромски бизнис информативен центар во Македонија, со цел унапредување на соработката во управувањето со отпадот.
Од Град Скопје не одговорија на нашата електронска порака на прашањето дали е почнат процесот за формализирање на неформалните собирачи.
Отпадот е еден од најголемите еколошки проблеми во Македонија. според анализата на Јосифовски, од три до пет илјади граѓани годишно живеат од оваа економска активност. Исто така според податоците, во земјава секој жител генерира 376 килограми отпад годишно или вкупно над 796 илјади тони, но вкупното количество собран комунален отпад изнесува над 610 илјади тони. Разликата меѓу собраниот и генерираниот отпад завршува во природата.