Добра волја или покритие пред големите тендери?

Илустрација: Луѓе во канцеларија

Владата ги повика невладините организации да се вклучат во мониторинг на јавните набавки, но тие и сега може да ги следат тендерите. Со повикот владата сака да покаже волја во борбата против корупцијата или да ги искористи граѓанските организации како покритие во пресрет на милионските тендери?

Како демонстрирање добра волја, транспарентност и подготвеност за соработка, антикорупциските експерти го толкуваат повикот на владата до невладините организации да се вклучат во мониторинг на јавните набавки. Граѓанските организации кои се заинтересирани и сега ги следат јавните набавки и често ја алармираат јавноста ако забележат неправилности.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека можноста за мониторинг на јавните набавки и сега постои, но владата со ова сака да покаже отчетност.

„Ако нема пристап до документацијата, тогаш нема фајде од повикот за мониторинг на јавните набавки“, вели тој.

Поранешната антикорупционерка Вања Михајлова вели дека невладини организации и сега вршат мониторинг на јавните набавки, но оти за тоа е потребно големо знаење и искуство и само одреден број организации може да одговорат на таа задача. Таа смета дека е потребно и вклучување на невладиниот сектор, не само во мониторингот на јавните набавки, туку и потоа, да следат дали тој што го добил тендерот ги исполнува условите.

„Вие ќе склучите договор под одредени услови, понатаму со анекс договори тој ќе се надогради или нема да биде во тој рок којшто бил критериум и по којшто бил склучен договорот или била добиена таа набавка. Значи, оној процес што понатаму со договорот, како тој се имплементира“, вели Михајлова.

На прес-конференција во Владата, министерот задолжен за транспарентност, Роберт Поповски, министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со директорите на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата и „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), Пеце Мирчески и Драган Миновски, ги повикаа граѓанските организации да се вклучат во мониторингот на јавните набавки. Поповски рече дека граѓанските организации ќе може да се вклучат во процесот од самиот почеток и во сите фази од постапката за јавни набавки до склучувањето договор.

Дел од антикорупционерите кои не сакаа да зборуваат официјално го толкуваат повикот како обид за покривање на институциите во пресрет на големите тендери од десетици милиони евра за кои е многу веројатно дека ќе има критики. Токму во таа насока го гледаат и изборот на говорниците на владината прес конференција. Имено, Министерството за здравство распишува голем тендер за набавка на реагенси од 30 милиони евра, а ЕЛЕМ набавува механизација за РЕК Битола од околу 19 милиони евра.