Каде може да се „судрат“ Заев и Иванов?

Скопје- Претседателот Ѓорге Иванов на кратка средба со премиерот Зоран Заев и со министерот Никола Димитров, 13.06.2018

Нема многу опции за избегнување на конфликтот меѓу премиерот и претседателот, оценуваат аналитичари. Можно е да се поднесе импичмент за претседателот по референдумот, ако е позитивен, да ја смени својата одлука, или да се чека да му помине мандатот.

Кратки средби чие траење може да се измери во неколку минути, сосема различни позиции, јавни препукувања и изјави за импичмент се карактеристични за односите меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов со месеци. Ваквата атмосфера може да продолжи и уште во наредните десет месеци кога му истекува вториот мандат на претседателот Иванов.

Првата дилема дали може да дојде до поголем конфликт поврзано со договорот за името со Грција се расчисти со самиот документ кој го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Во него е предвидено дека “по ратификацијата на Спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата”. Известувањето до Атина, Димитров го прати веднаш без да се чека на потпис на претседателот, кој исто така го доби законот за ратификација и има рок од седум дена да го потпише.

Излез од ќорсокакот или чекање?

Заев, пак, деновиве најави дека е можно да дојде до импичмент за претседателот, ако одбие да го потпише договорот за решавање на спорот за името и доколку граѓаните на референдумот кажат „да“.

Референдумот, според неговата изјава, би се одржал на крајот на септември или во почетокот на октомври.

Според договорот со Грција “амандманите на Уставот треба да се усвојат до крајот на 2018 година”, што значи дека Иванов се уште ќе биде претседател кога ќе се носат и уставни измени.

Ова во договорот не е презицирано, па само се наведува дека “По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на горенаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа Спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа Спогодба”.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, речиси е сигурно дека Иванов нема да го потпише законот за ратификација кој сега е на неговата маса, но вториот пат, по референдумот тој очекува претседателот да се однесува согласно резултатите од него.

„Имено, ако мнозинството граѓани на највисоката форма на изразување на мислењето одлучат да го поддржат или да не го поддржат овој договор, мислам дека таа волја претседателот треба да ја следи како претставник на граѓаните и во таа смисла ако е позитивен референдум да го поддржи мислењето на граѓаните” вели Трошановски.

Еден неуспешен импичмент на Иванов

Тој додава дека другата опција е да се чека да заврши неговиот мандат, но таа опција вели чини многу време во услови кога динамиката на спроведување на договорот за името е многу важна.

Импичментот, пак, што го спомена премиерот не е едноставна процедура. Постапка за утврдување на одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Инаку СДСМ и пред две години поведе постапка за импичмент за претседателот Иванов поради неговата одлука за аболиција. По петдневна расправа во парламентот таа не помина. За иницијативата тогаш гласаа 35 пратеници, а 47 беа „против.