Јовановски и Васева на изложбата „Градови ви подигнавме“ во Белград

Филип Јовановски и Ивана Васева

Делото „Текстил и јад“ на македонскиот визуелен уметник Филип Јовановски и истражувачкиот проект „Црвен ни е бајракот, што гордо се вее: културната еманципација на работниците и културата на трудот во модната конфекција „Астибо“ во Штип, во 70-тите и 80-тите години на 20 век“ на кураторката Ивана Васева, се дел од изложбата „Градови ви подигнавме, изложба за противречностите на југословенскиот социјализам“ која од 13 јуни до 2 јули се одржува во Галеријата „Цвета Зузориќ“ во Белград, соседна Србија.

„Текстил и јад“, новиот уметнички проект на Филип Јовановски, реализиран во соработка со кураторката Ивана Васева, се манифестира во форма на весник колективно уреден со работниците и активисти од организацијата „Гласен текстилец“ од Штип, како (политички) простор за еманципација и колективна акција која ќе иницира услови за подобри човекови и работнички права. Во основата на ова уметничко дело е развивањето на релациите и односите меѓу работниците и културните работници, како современ естетски чин во активирањето за заедничка борба за нивните работнички права.

Весникот, реферира на наследството од културниот живот на фабриката „Астибо“ во Штип, посебно надоврзувајќи се на содржината и на структурата на весникот „Астибо“, кој беше објавуван во периодот 1973-1993 година.

Делото е дополнително збогатено со рачни торби изработени од колективот „Гласен текстилец“ и постери на неколку оригинални насловни страници на весникот „Астибо“.

Од друга страна, „Црвен ни е бајракот, што гордо се вее: културната еманципација на работниците и културата на трудот во модната конфекција „Астибо“ во Штип, во 70-тите и 80-тите години на 20 век“, истражувачкиот проект на кураторката Ивана Васева, се осврнува на самоуправната култура во Југославија, како култура која им припаѓа на сите. Или покрај културните работници, и на работниците, и се обидува да ја анализира важноста на културата во овој период, како култура која не сака да го направи работникот покултурен во некоја елитна смисла на зборот туку работничката класа да биде творец, креатор на културата и културната политика.

Говорејќи за своето учество на оваа поставка, Јовановски и Васева забележуваат дека курирањето и реализацијата на изложбата и двојазичната публикација со насловот „Градови ви подигнавме: за противречностите на југословенскиот социјализам“, подразбирало и едногодишен истражувачки процес инициран од кураторите Вида Кнежевиќ и Марко Милетиќ од колективот „Контекст“ од Белград, кој ним им овозможил студиозен и потемелен пристап во преиспитувањето на противречностите на југословенскиот социјализам.

„За нас како тим и мене како уметник, кој веќе подолго време се занимава со кршењето на работничките права, во случајов на текстилните работници, и создавајќи дела во кои се замаглува границата помеѓу уметноста и животот, а естетското се огледува во политичкото создавање нови врски и односи, ова учество на изложбата е многу важно. Важно ми е да се препознае оваа пракса во визуелната уметност, во пристапот и во самата визуелизација како конечен „уметнички“, процес“, вели Јовановски.

Тој дополнува дека во контестот на изложба каде од различни аспекти беше истражен феноменот на југосовенскиот социјализам, учеството на Македонија со случајот на културниот живот во текстилната фабрика „Астибо“ од Штип и ангажманот во борбата за работнички права на новиот колектив „Гласен Текстилец“ е пред се важно за локалната заедница во Штип. Особено кога ќе се стави во контекст на една значајна регионална изложба во која можноста да станат повидливи пораките на таа борба добива значајно место.

Ивана Васева, во своето појаснување зошто истражувањето се фокусира на работниот колектив „Астибо“, истакнува дека тоа го сторила од неколку причини. Првенствено дека многу помалку е пишувано за него, што според неа се чини дека културниот живот на работниците бил посистематски организиран во рамки на информативната мисија на фабриката, а со тоа и поредовно се известувало. Потоа вели дека во тој период на располагање бил и фабричкиот весник. Впрочем, интенцијата на весникот била да ги регистрира настаните и задачите, да ги анализира состојбите и да предлага решенија преку учеството на колективот, како средство за внатрешно информирање во работната организација како „еден од условите за поквалитетна, посестрана и поефикасна самоуправувачка акција“ (Астибо, март, 1973).

Весникот имал важна улога како информативно гласило кое нуди податоци за фабриката, за нивното работење, устројство, развој и планови, потоа податоци за партиското и воопшто самоуправното устројство на фабриките, ги бележи разните конференции и дискусии за идеолошки, правни и историски теми. Тој ги бележел и настаните во областа на културата, нудел информации за спортските активности на колективот, а имал дури и рубрика за хумор насловена „Ката Конфекција“. Како модна конфенција, сепак посебен третман секогаш добивала модата. Се пишувало за дизајнерските решенија, сезонските колекции, саемските претставувања и модните ревии, а со тоа паралелно се развивала и модата на сезоната.

„Овој текст не се обидува да романтизира некои времиња или да ги претставува како веќе недостижни бастиони, туку подобро да се обиде да ја сфати денешната општествена стварност. Приближувањето на темата на културната еманципација на работникот, која како дискусија, тема на обработување и анализирање, е ретка во земјава, и има за идеја да погледне нанaзад во минатото и да даде една рефлекција на културниот живот на работниците во рамките на самоуправувачкиот систем, кој понатаму може да послужи и како критички ангажман околу критичната актуелна состојба“, ќе рече Васева.

На изложбата „Градови ви подигнавме“ што се одвива во продукција на белградскиот Центар за културна деконтаминација, и на која фокусот е на противречностите на југословенскиот социјализам, кои беа особено изразени во текот на осумдесеттите години на минатиот век и кои доведоа до реставрација на капиталистичкиот систем, учествуваат и мнозина други уметници и уметнички колективи од земјите на поранешната држава. Така од Загреб присутни се Бојан Мрџеновиќ, Борис Постников, Срѓан Ковачевиќ и групата „Борово“, тука се и Центарот за современа уметност на Црна Гора (Подгорица), Здружението за култура и уметност „Црвена“ од Сараево, Босна и Херцеговина, Doplgenger и СТАПКА од Белград, Мајлинда Хоџа и Виган Нимани од Приштина, Косово, Лидија Радојевиќ К. и Ана Подвршич како претставници на Грац и Љубљана и други.