Пушењето е втора причина за смрт од кардиоваскуларни заболувања

Во Македонија се намалува употребата на тутунот кај младите, но бројката кај возрасните и натаму е висока, а тој е втора причина за смрт од кардиоваскуларни заболувања, после крвниот притисок.

Висока е смртноста од пушењето во Македонија, но употребата на тутунот кај децата е во опаѓање од периодот од 1999 година наваму, според студиите на здравствените институции.

Истражувањата на институциите покажуваат дека тогаш пушеле над 56 проценти од децата на 16 годишна возраст, додека во 2015 година бројката е намалена на 38 отсто. Позитивни резултати има и кај децата од 13 до 15-годишна возраст, но сепак и натаму голем број од возрасните во земјава се пушачи.

„Истражувањето во 2017 година покажа дека 46 проценти од лицата на возраст меѓу 15 и 64 се пушачи. Од нив, над 56 проценти се мажи и над 33 проценти се жени. Карактеристично е дека младите од 15 до 34 години, исто така се во 40 проценти пушачи и тоа навистина е податок што загрижува“, вели д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје.

Според истражувањата, тутунот е втора причина за смрт од кардиоваскуларни заболувања во Македонија, после крвниот притисок. Од вкупно околу 20 илјади починати лица годишно, 11 до 12 до илјади се од болести на срцето и на крвните садови, а доста висока е смртноста и од малигни заболувања.

„Пред сè ракот на ракот на белите дробови, бидејќи според податоците тој е застапен и кај мажите и кај жените, но секако дека пушењето предизвикува и болести како рак на устата, рак на желудникот, хранопроводникот, дебелото црево, кај жените ракот на грлото на матката, ракот на дојката итн“, вели доктор Ќосевска.

Македонија во 1995 година прв пат донесе закон за заштита од пушење, кој потоа неколкупати е менуван. Д-р Ќосевска вели дека мерките главо се во насока на редовно следење на употребата на тутунот кај населението, забрана за рекламирање на производи од тутун, подигнување на нивните даноци и цените, како и во подигнувањето на јавната свест за штетноста на тутунот.

Таа посочува оти е позитивно тоа што децата во домот помалку се изложени на чад во однос на минатите години, што значи дека постои поголема свесност кај родителите, но смета дека е негативно што недостигаат мерки и проекти во училиштата за подобра едукација на децата за штетноста од пушењето.

„Сметам дека поголема улога треба да има образовниот систем во Македонија. Поаѓајќи од информациите кои во истражувањата ги дадоа децата, дека многу малку слушаат за штетностите од употребата на тутун за време на образовниот процес, произлегува дека почести треба да бидат предавањата, трибините, да се зголеми информираноста кај децата, но исто така и на возрасните преку поголема улога на средствата за масовно информириње при што почесто ќе бидат информирани граѓаните за штетните последици од употребата на тутунот“, вели Ќосевска.

Таа истакнува и дека потребно е да се направи нешто околу појавата на тн. тутунска зелена болест, особено кај децата кои работат со тутун и внесуваат никотин преку кожата и така ја добиваат болеста. Индикатор за повеќе истражувања, д-р Ќосевска вели дека треба да биде податокот за високиот број на лица заболени од рак во Прилеп.

Ситуацијата во Македонија е таква што од една страна земјата има обврска да го намали производството на тутун, но во исто време го субвенционира, бидејќи е значајна стопанска гранка.

Граѓаните на земјава беа на трето место во светот во 2017 година според бројот на испушени цигари по жител годишно, според податоците на Светскиот тутунски атлас, кои покажале дека македонските граѓани пушат по околу 2700 цигари годишно.

Измените на законот за пушење во 2010 година предизвика најголеми реакции, кога пушењето беше целосно забрането во угостителските објекти и во заградените тераси и летни бавчи.

Но и покрај ваквите мерки, истражувањата покажуваат дека бројот на пушачи се зголемил во последните 15 години.

„Ако се земе предвид истражувањето од 2002 година, кога имаме 42 проценти пушачка популација, овде имаме пораст, каде што сега имаме 46 проценти“, изјави д-р Силвана Ончева од Институтот за јавно здравје.

Мажите во земјава пушат повеќе од жените. Според податоците, пушачи се 54 проценти од мажите и 33 проценти од жените.

Угостителите во изминатите години се жалеа на забраните донесени во 2010 година, велејќи дека поради неа драстично им паѓа прометот особено кога времето е постудено.

По промената на власта, Собранието во март оваа година ги усвои измените на Законот за заштита од пушењето по скратена постапка, поднесен од пратениците Томислав Тунтев, Јован Митрески, Мирсада Емини Асани, Шпреса Хадри и други.

Со измените се дозволи да се пуши на тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти и кога тие се затворени поради временски услови.

„Одредена либерализација, по примерот на 20-тина земји на ЕУ, нема да придонесе воопшто кон загрозување на граѓаните на Република Македонија, а напротив ќе придонесе кон зголемување на економските резултати на малите и средни угостителски објекти, на бројот на туристите, комотноста на гостите итн“, изјави пратеникот Томислав Тунтев пред донесувањето на законот.

Граѓаните кои ги анкетиравме имаат различни мислења околу пушењето во угостителските објекти. Некои велат дека е нормално да не се пуши во затворено, а други се со став дека пушачите треба слободно да пушат во локалите.

„Мислам дека е нормално во затворен простор да не се пуши.“

„Треба да има одредени места, да се направи и за пушачи и за непушачи. Јас сум бил и во Германија, има посебен дел за пушачи, посебен за непушачи, инаку вака и угостителите губат гости, губат промет.“

„Што знам, можеби е добро, можеби и не. За секого индивидуално. Можеби е исправно да не се пуши“, велат дел од анкетираните.

31 мај се обележува како Светски ден без тутун, при што со кампањи беа вклучени здравствените институции во земјите, како и Светската здравствена организација. Целите на кампањата се да се потенцираат врските меѓу употребата на тутунски производи, срцето и други кардиоваскуларни заболувања.

Да се зголеми свеста на јавноста за влијанието од употребата на тутунот и изложеноста на чадот од пасивното пушење, обезбедување на можности за јавноста и владите да преземат обврски за промовирање на срцевото здравје преку заштита од употребата на тутун.

Во кампањата се наведуваат факти за здравствените придобивки од откажување од пушење. Некои од нив се дека во рок од 20 минути срцевиот ритам и крвниот притисок се намалуваат, по 12 часа во нормала доаѓа нивото на јаглерод-моноксид во крвта, по две до 12 недели се подобрува функцијата на белите дробови, во рок од еден до девет месеци се намалуваат кашлањето и немањето воздух.

По една година се намалува ризикот од коронарна срцева болест, по пет години се намалува ризикот од мозочен удар како за непушач, а за 10 години ризикот за рак на белите дробови паѓа на околу половина од ризикот кој го има пушачот, се вели во кампањата на Светската здравствена организација.

Исто така се додава дека откажувањето од пушење го намалува ризикот од многу болести со пасивното пушење на децата, како респираторните заболувања како астмата, инфекциите на уво и други.

Три милиони жртви од пушењето годишно

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пушењето убива, но многумина не се ни свесни за тоа

Бројот на пушачи во светот се намалува, особено меѓу жените, но само една од осум држави во светот е на пат да ја исполни целта за намалување на употребата на тутунот до 2025 година, соопшти деновиве Светската здравствена организација.

Љупчо Наќев

Три милиони луѓе умираат секоја година како последица на пушењето, кое предизвикува кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи и срцеви и мозочни удари, соопшти Даглас Бичер, директор на одделот за превенција од незаразни болести. На презентацијата на глобалниот извештај за трендовите во врска со пушењето, Бичер истакна дека околу 890 илјади од смртните случаи се резултат на изложеност на чад од цигари.

„Тутунот и пасивното пушење се главните причини за кардиоваскуларни заболувања, со околу 17 проценти од смртните случаи на тие заболувања глобално“, вели тој.

Целта што ја постави Светската здравствена организација е намалување на употребата на тутунот за 30 отсто до 2025 година. Дел од Западна Европа заостанува зад оваа цел, главно поради неуспехот со жените пушачи, во Африка се проблем мажите, додека, пак, на Блискиот Исток, бројот на пушачи се зголемува, е наведено во извештајот.

„Трендовите покажуваат дека во светот, како што реков, пушењето тутун се намали од 27 отсто во 2000, на 20 отсто во 2016. Има прогрес“, нагласува Бичер.

Во Франција, според податоците објавени неодамна, минатата година од пушење се откажале околу еден милион Французи. Студијата на францускиот департмент за јавно здравје покажува дека антипушачките мерки и повисоките даноци на цигарите имале ефект.

„Прво треба да ги провериме податоците, но јас сум изненаден. Мислам дека повеќето пушачи би сакале да престанат да пушат, почнувајки од мене“, вели еден граѓанин.

Како и да е, во Франција тутунот и натаму убива по 200 луѓе дневно, или 73 илјади луѓе годишно.

Според Светската здравствена организација, во некои делови од светот е потребна поголема кампања за едукација на луѓето за опасностите од пушењето. Голем проблем е што многумина пушачи во Кина и во Индија не се ни свесни дека пушењето предизвикува последици врз нивното здравје.

Според податоците на Светската здравствена организација, во светот има една милијарда и сто милиони пушачи, од кои само во Кина и во Индија околу 400 милиони, а на трето место е Индонезија со 74 милиони пушачи.