Достапни линкови

Психичките болести - закана за модерниот човек


Невропсихијатар доктор Мицко Дудучки.
Невропсихијатар доктор Мицко Дудучки.

Зголемен е бројот на пациенти со ментални растројства, велат лекарите. Светската здравствена организација предвидува дека депресијата ќе биде на второ место, по кардиоваскуларните, дури и пред малигните заболувања.

Општествено-политичките (не)прилики, загадената животна околина и стресот како еден од главните фактори се причината за зголемување на бројот на луѓето заболени од кардиоваскуларните, церебралноваскуларните и останатите психосоматски заболувања во Куманово, како и во државава, велат лекарите.

„Последните години се зголемува бројот на граѓани кои заболуваат од кардиоваскуларни и останати психички болести, особено последните пет години. Тоа се должи веројатно на приватни и општествени проблеми. Се надевам дека со стабилизирање на севкупната состојба овој тренд ќе запре“, вели доктор Томислав Китановски, кој повеќе од две децении работи како матичен лекар по општа пракса во Куманово.

Според податоците од Светската здравствена организација кардиоваскуларните заболувања се на прво место, потоа цереброваскуларните по инвалидитет, па и по смртност и депресијата која за сега е втора на скалилото, вели невропсихијатарот доктор Мицко Дудучки. Тој појаснува дека Светската здравствена организација предвидува дека депресијата ќе биде на второ место, по кардиоваскуларните, дури и пред малигните заболувања.

„Тоа на некој начин зборува дека факторите на ризик кај општата популација се зголемени, било да се работи за стресови, физичка неактивност, злоупотреба на психоактивни супстанци, пушење, алкохол, прекумерно користење на кафе, физичка неактивност и се разбира стресовите како секојдневен придружен елемент во нашиот живот“, вели доктор Дудучки.

За можноста секоја индивидуа да преземе мерки во превенирање на здравјето, доктор Дудучки вели дека тоа е можно со справување со факторите на околината кои зрачат негативен ефект.

„Секако дека негативниот ефект на факторите на околината можеме да го намалиме преку корекција на сопственото однесување, во поглед на сопственото здравје. Тие се индивидуални, а подразбираат зголемена физичка активност, умерена исхрана, избегнување на стресни ситуации, повеќе време поминување во природата каде што има повеќе кислород, не пред компјутерот, не пред телевизорот, а се разбира и општите фактори, како што е аерозагадувањето, што е резултат на прскањето. Дури неодминлив е фактот со аерозагадувањето во Скопје“, вели доктор Дудучки.

Според него аерозагадувањето негативно влијае врз телесното здравје, особено кај хронично заболените на дишните патишта, кај кардиоваскуларните заболени и од тука потребата е да размислуваме еколошки, да не ги уништуваме шумите, да ги обновуваме природните ресурси, да не се сечат дрвјата на чија сметка се создаваат мегалополиси.

Ако 90-те години од минатиот век се сметаа за кризни и ризични години, тогаш каков е соодносот на заболувањата од невропсијатриската област на почетокот на овој век, доктор Дудучки ја посочува неговата студија од пред две ипол децении.

„Тогаш пишував за „Фреквенцијата (инциденцијата) за паничното растројство кај младата популација“. Тогаш имавме некаде, околу два до два ипол отсто од популацијата од 18 до 38 години. Сега таа бројка е десет пати поголема. Зголемен е бројот на пациенти со ментални растројства, почнувајќи од анксиознофобиските, афективните и депресивните растројства, и за жал се поголем е бројот на психози кои се или ендогени или реактивни“, вели доктор Дудучки.

За подобрување и унапредување на менталното здравје неопходна е долгорочна државна стратегија заснована на знаењето и искуството на професионалците кои секојдневно се занимаваат со тоа, бидејќи, според доктор Дудучки станавме шампиони во светот по бројот на самоубиства, смртноста на доенчиња.

„Загрижувачко е што станавме шампиони во Европа не само по мизеријата во материјално економска смисла, туку и во емоционална смисла“,вели доктор Дудучки.

Со заразните болести излеговме на крај со вакцини и лекарства, но со менталната проблематика се уште тешко, забележува доктор Дудучки.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG