Кумановската полиција ќе им ги враќа тротоарите на пешаците

Центарот на Куманово.

Полицијата во Куманово им укажува на угостителите да ги почитуваат законите - да не точат алкохол на малолетници, да се намали бучавата и да не се узурпира јавниот простор.

Завршување на учебната година и пристигање на нашите сограѓани од странство на годишен одмор, во летните месеци во кумановските угостителски објекти и во сообраќајот се зголемува фреквенцијата, затоа и надлежните предупредуваат за почитување на законските обврски од областа на заштита на јавниот ред и мир.

Укажувањата се однесуваат и на забрана точење алкохол на малолетни лица и нивно присуство во кафулињата подоцна од полноќ. Полицијата и Секторот за инспекциски надзор и животна средина, како и Одделот за превенција ги предупредија угостителите и станбените домари дека за секое прекршување на законот подлежат на прекршочна и кривична одговорност.

Игор Митевски, командир на кумановската полициска станица, напомена дека на малолетниците не смее да им се служи алкохол, а по 24 часот тие не може да се во угостителските објекти, за што глобите се до две илјади евра, но и затворски.

„Што се однесува на гласна музика која го нарушува мирот на другите со пеење, користење на музички инструменти, радио и тв апарати и други технички уреди, како и врева со механички удари, мотори и слично, во период од 15 до 18 часот и од 23 до 06 часот, глобите се огромни“, вели командирот Митевски.

За жал, угостителите од чија работа има најповеќе поплаки од граѓаните не присуствувале да ги слушнат укажувањата. Сепак Митевски потенцира дека полицијата реагира на секоја пријава од граѓани.

Виолета Богдановска од Одделот за превенција вели дека при постојани контроли заедно со родителите затекнуваат малолетници по 24 часот во кафулиња или ресторани. Таа нагласува дека дел од угостителите поставуваат маси и столчиња на тротоари, особено во централното градско подрачје и го попречуваат движењето на пешаците. Иако имаат одобренија од Општината, не ретко има злоупотреби на сообраќајниот простор, како и во непосредна близина на станбени згради, а во тек е акција за враќање на тротоарите на пешаците.

„Да се почитуваат одредбите, да нема штетна бучава, особено таму каде што има гласна музика“, вели Богдановска.

Според Богдановска почитување на законските одредби е и кога угостителските објекти се изнајмуваат на приватни лица за одредени веселби. Соработка со полицијата мора да има и доколку има вербални или физички конфликти во објектот или во непосредна близина на него, укажува Богдановска.

Бобан Бојковски од Секторот за инспекциски надзор вели дека не мал број пријави има за нарушување на Законот за заштита од бучава и дека таа мора да биде сведена на пропишани вредности. Според него трошоците за мерење на бучавата по пријава од граѓани е на сметка на угостителите.