Достапни линкови

Управителите на зградите да работат, но и станарите да одржуваат


Згради во Куманово
Згради во Куманово

Поради нехигиена во подрумите и околината на зградите во Куманово не ретко се појавуваат глувци, стаорци, па и змии.

Уредени зелени површини пред колективните станбени објекти, чисти влезови осветлени со сензорски светилки, варосани ѕидови, домофони, да не протекуваат покривите, се дел од она што без исклучок посакуваат сите станари во колективните станбени објекти во Куманово. Критичарите велат дека за тоа, освен управителите кои неколку години се грижат за заедничкиот станарски простор, самите станари не се однесуваат домаќински. Поради неодржување хигиенско-санитарни услови во подрумите и околината не ретко се појавуваат глувци, стаорци, па и влекачи.

„Луѓето се и сиромашни, а плус тоа и како да се инаетчии. Не даваат пари за себе. Ние треба да живееме како една фамилија. Тука каде што живеам 40 години многу тешко оди тоа“, вели кумановецот Жрако Димитриевски, кој има забелешка дека во повеќето од влезовите нема осветлување, а и дека не може сè да се очекува од управителот, туку и самите станари треба да се однесуваат домаќински кон заедничкиот имот.

Има и згради во кои состојбата е подобра.

„Оваа зграда има 30 години. Ние меѓу првите се вселивме и можам да кажам дека и животот е на некое убаво ниво. Ние имавме посебно чувство за животот во зградата, домаќинско. Сега младите што доаѓаат поинаку се однесуваат, но и тие ќе се вклопат“, вели 74-годишната Марија Теодосиевска, со напомена дека очекува управителот уште подобро да им го уреди заедничкиот простор.

„Да средат косење трева и ограда, да се постават клупи за седење и да има некој убав заеднички живот во зградата. Позитивно е што се воведени домари, кои се образувани луѓе, а ќе има можности и за други млади да се вработуваат. Освен тоа и оваа грдотија што стои светилка на жица тие ќе ја отстранат, ќе ни постават модерни светилки, ќе воведат домофон за да не може да влезе кој како сака, туку да биде безбедноста поголема“, вели таа.

Управителите се законска обврска, а нивното воведување на почетокот имаше многу негодувања кај станарите. Тие не се согласуваа со сумата која треба да ја плаќаат месечно, а и некако немаа доверба дека тоа ќе профункционира како што е замислено. Со текот на времето станарите сфатија дека управителите сепак имаат позитивно влијание врз животот во колективни згради.

Виолета Јосифовска, управител во „Станбен домар“, вели дека обврска на управителот е да ги координираат, да ги насочуваат и да ги организираат станарите во нивниот заеднички простор.

„Ние го одржуваме, го чистиме, го средуваме заедно со станарите. Нивните барања ги реализираме според планот и приоритетите. Најчести проблеми се протекување на покривите, затнување на канали, бидејќи до канализациона мрежа има израснато некое дрво или стара шахта, исклучување струја, има некои згради кои со години се исклучени од струја, го регулираме тоа и стануваме корисници на броилото, ние ставаме сензорни светилки. Сите недостатоци што ни ги пријавуваат ги отстрануваме“, вели таа.

Управителот доброволно организира и еколошки акции за уредување на дворовите пред станбените објекти.

„Бидејќи има многу неискосена трева, еден ден во неделата организираме еколошка акција, се организираме заедно со станарите. Во овој период во подрумските делови се појавуваат и змии, па и тоа го средуваме со фирма која го работи тоа“, вели Јосифовска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG