Обележување на вертикалната и хоризонталната сигнализација на сообраќајниците во Куманово доцни две години поради немање заинтересирани поголеми фирми во тендерска постапка, вели градоначалникот Зоран Дамјановски, одговарајќи на советничките прашања.
Проблем е што на пример семафорот што го направивме пред два месеца не може да биде пуштен, бидејќи МВР – Сообраќајниот сектор, не ни дозволува ако не ни се соодветно офарбани приодите.Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.
„И се соочивме со голем проблем. Проблем е што на пример семафорот што го направивме пред два месеца не може да биде пуштен, бидејќи МВР – Сообраќајниот сектор, не ни дозволува ако не ни се соодветно офарбани приодите. Сега ние одиме со некоја мала вредност, што значи се соочуваме со големи проблеми од административна природа. Од една скопска фирма, добронамерно или не, дознав дека не смеат да се јавуваат на тендер во Куманово. За мене тоа беше една небулоза“, вели тој.
Дамјановски посочува дека како опција се размислува локалните јавни претпријатија да преземат дел од ингеренциите, односно со програма тие да се вклучат за летно и зимско одржување на улиците. Според него, за вертикална сигнализација и јавните претпријатија ќе треба да објавуваат тендерски постапки, додека за хоризонталната е поедноставно. При тоа би требало само да се мобилизира постоечкиот работен персонал, да се набави боја и некоја машина.
Советникот Драги Караџински од ГРОМ рече дека, освен што треба да се обележат улиците со сообраќајна сигнализација, недостасуваат и ознаки за називот на улиците, што исто така е проблем, како за оние кои се од градот, уште повеќе за оние кои се од други градови или места.
„Најитно би требало да се постават табли на улиците, барем на главните крстосници која улица каде оди. Повторно ќе го поставам прашањето за кружни текови во Куманово“, рече тој.
Градоначалникот Дамјановски се согласува дека се голем проблем необележените улици и ризичните кружни текови, меѓутоа тој посочи и примери за недолично однесување на некои од граѓаните.
„За жал ние во нашиот град имаме една појава, па и тие табли што ги имаме, ги чкртаме, ги префарбуваме со разни националистички, шовинистички, навивачки и какви сè не, графити. И тоа што го имаме, во многу голем процент е оштетено и уништено“, рече Дамјановски.
Затоа, според него, треба да се засили соработка со надлежните за сообраќај во нашиот град. Според него, поставување табли на влезот и излезот на Куманово, на автопатот или на регионалните патишта не е во општинска, туку е во државна надлежност.