Неделен печат – Името, избори и трговската војна меѓу ЕУ и САД

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протест во Скопје на 2 јуни 2018

Фокус прашува дали ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи референдум за промена на името како пазар за „слобода на фамилијата“. Капитал анализира како ќе се одрази трговската војна меѓу ЕУ и САД врз македонските производители.

Фокус - Референдум и устав за избори и амнестија

На насловната лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со кренати тупаници на протсетниот собир пред Владата со интригирачки наслов: „Референдум и устав за избори и амнестија“. Вака изгледа најновото издание на Фокус, а во уводната колумна „За нештата да станат појасни“ ја дообјаснува тезата - прашање: „Дали шефот на опозицијата подготвува алиби за поддршка на референдумското изјаснување, по чиј позитивен резултат, неговите пратеници наводно ќе немаат избор и ќе ја потврдат волјата на граѓаните со уставни промени? И каква е цената за таквиот однос на Мицкоски“, прашува Фокус. „Пазар за слобода на Фамилијата и нови избори?“ Во уште еден текст неделникот анализира: „Власта и опозицијата со свои пресметки“. Мицкоски побара предвремени избори, но не веднаш, туку заедно со претседателските в година. Според СДСМ, сите опции се отворени, ама сега не ни требаат избори, туку решавање на крупните прашања, ги наведува неделникот ставовите на политичките противници, па вели: „А токму од разврската на спорот за името и од исходот на евентуалниот референдум, ќе зависи дали ќе има предвремени избори“.

Капитал - Ќе настрада ли македонската челична индустрија како колатерална штета во трговската војна меѓу САД и Европа?

И во денешниот преглед ја третираме главната тема или кавер стори во неделникот Капитал. Поточно анализата насловена „Царинските провокации навестуваат светска трговска војна“ со прашањето: „Ќе настрада ли македонската челична индустрија како колатерална штета во трговската војна меѓу САД и Европа?“ Откако САД ги испукаа првите истрели во трговската војна со своите три најголеми партнери, пишува Капитал, реципрочни мерки воведоа Канада, Мексико, а се најавуваат и од Европската унија. Од Здружението за металургија при Стопанската комора на Македонија сметаат дека заштитната истрага од страна на ЕУ за увоз на определен број челични производи, почната пред два месеца, и воведувањето царини од страна на САД, ја доведуваат под сериозна закана македонската металургија која како индустриска гранка има сериозен импакт врз македонската економија. Мерките на ЕУ би се однесувале на сиот увоз на челик, без разлика од која земја потекнува, што би значело штета за Македонија од околу 128 милиони евра, како и за македонската економија бидејќи во петте големи компании од оваа индустрија работат 3 илјади вработени, но покрај нив индиректно од мерките на САД и на ЕУ ќе бидат погодени 15 илјади ангажирани во поврзаните дејности.