Османи – Планот 18 додека чекаме почеток на преговори со ЕУ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

План 18 - да нема прекин во реформите

Најдобриот чекор по планот 3-6-9 е почнување преговори и отворање на поглавјата 23 и 24, но за да нема прекин во реформите го носиме планот 18, вели вицепремиерот Бујар Османи.

Планот 18 не е цел, туку служи за да нема прекин во реформите додека Македонија чека почеток на преговори за членство во ЕУ, рече денеска вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи. Тој пред невладините организации го презентираше нацрт планот 18 на кој тие треба да ги дадат своите забелешки пред да биде усвоен на седница на влада. Османи најави дека за планот ќе разговара и со опозицијата. Овој план треба да го опфати периодот од завршувањето на планот 3-6-9 до наредниот извештај на Европската комисија, односно до почнувањето преговори, рече Османи.

„Иако сме кажале дека следствениот и најдобар чекор после планот 3-6-9 не е започнување на план 12, туку започнување преговори и отворањето на поглавјата 23 и 24. Се разбира таа битка продолжува овие денови. Овој месец е најважниот којшто ќе ја одреди судбината на државата во овој правец“, рече тој.

Османи вели дека планот 3-6-9 покажал дека Македонија има огромен потенцијал, кој ако правилно се насочи, може да се постигнат чуда.

„Сметам дека навистина постигнавме чуда, од земја којашто до пред една година беше на работ на амбис, да станеме светлата приказна на регионот, позитивниот наратив којшто се зборува во главните градови во целиот свет“, рече тој.

Османи вели дека реформите не ги разбираат како технички процес на донесување мерки, туку како суштинска и неповратна трансформација на општеството во европско.

Исто како и планот 3-6-9, и продолжението ќе се потпира на трите основни столбови – правосудство, реформи во јавната администрација и реформи во безбедносните служби, но и борбата против организираниот криминал и корупција, слободата на медиумите, граѓанскиот сектор, справувањето со нелегалните миграции...

Во планот се предвидени измените на законите кои треба да се донесат во претстојниот период, како во законите за Судски совет, за Совет на јавни обвинители, Законот за јавно обвинителство, за кривична постапка и Кривичниот законик. Треба да се донесе план за реформи на УБК, да се донесат подзаконските акти за ОТА, агенцијата која треба да биде задолжена за прислушувањето, како и да се формира Совет за граѓански надзор над прислушувањето. Исто така треба да се зголемат капацитетите на Собранието за надзор над разузнавачките служби. Планот предвидува соработка со Претседателот Ѓорге Иванов во пополнувањето на испразнетите места во дипломатско-конзуларните претставништва, како и во поставувањето раководители на институции во кои и претседателот има надлежност.