Достапни линкови

„Невидлив“ План 18


Архивска фотографија-Вицепремиерот Бујар Османи на прес конференција зборува за Планот 3-6-9, 07.03.2018
Архивска фотографија-Вицепремиерот Бујар Османи на прес конференција зборува за Планот 3-6-9, 07.03.2018

Вицепремирот Бујар Османи денеска и утре во Брисел го презентира Планот 18, а со предвидените мерки ќе биде запознаена и високата претставничка на Европската Унија Федерика Могерини. Упатените сугерираат дека новата владина реформска агенда треба да има поконкретни и мерливи мерки.

Невладиниот сектор кој ги следи реформите потребни за зачленување во Европската унија и јавноста се уште ја немаат видено новата реформска агенда на Владата именувана како План 18. Според најавите, најверојатно тој ќе им биде презентиран в петок, но тие сугерираат дека во него, за разлика од Планот 3-6-9 треба да има поконкретни работи.

Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, во него треба да се наведат конкретните законски измени кои ќе произлезат, пред се, од стратегијата за правосудството и конкретните чекори што ќе бидат преземени за реформата на јавната администрација.

„Очекувам дека трите области кои беа идентификувани од Европската комисија како клучни, односно судството, јавната администрација и реформата во безбедносните служби, треба да останат во фокусот, но за разлика од Планот 3-6-9 во кои се разработуваше пакетот на закони за првите две, сега треба да се работи на нивна имплементација“ вели Кацарска.

Таа додава дека на крајот на тие 18 месеци ќе треба да се покаже досие во тие три области со јасни и мерливи достигнувања.

„Една од критиките на Планот 3-6-9 беше дека дел од индикаторите не се мерливи и дека дел од мерките е тешко да се следат. Очекуваме дека во новиот План 18, а тоа веројатно ќе го очекува и Европската комисија, ќе биде јасно која е стартната позиција во овие области и кон што цели всушност Владата да постигне“ вели Кацарска.

Планот 3-6-9, пак, кој се реализираше во првите девет месеци откако оваа влада дојде на позицијата, според невладините кои го следеа процесот на спроведување, е задоволително реализиран.

Според анализата на Институтот за демократија, од 130 предвидени активности, 60 отсто се сметаат за исполнети, 6 проценти се делумно исполнети, 11 насто се неисполнети, а 23 се немерливи. Споредено со првите шест месеци, може да се забележи дека најслаби резултати се постигнати во делот девет, односно последните три месеци од планот.

Според Иван Николовски од Институтот за демократија, најголем проблем во спроведувањето на реформите и во тој план биле крупните реформски закони во областа на судството, безбедносните реформи и јавната администрација, бидејќи за нив беше потребна и поддршка од опозицијата.

„ Во пракса се покажа дека токму поради овие причини нивното спроведување беше малку отежнато, тука се активностите врзани со правосудството, јавната администрација, реформите во безбедносно-разузнавачките служби и сл.“ вели Николовски.

Вицепремирот Бујар Османи денеска во Брисел го презентира Планот 18, а со предвидените мерки ќе биде запознаена и високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската Комисија, Федерика Могерини.





  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG