Тетовска Луковица очекува асфалт по промената на власта

Патот во селото Луковица

Селото Луковица е единственото во Општина Желино до кое нема асфалтен пат. Градоначалникот вели дека општината нема пари и оти за да се асфалтира патот, ќе мора да помогне државата.

Тетовското село Луковица, кое спаѓа во руралната општина Желино, по промените на локалните и на централната власт, очекуваат конечно да се надмине нивниот најголем проблем целосно да биде асфалтиран пристапниот пат. Ова село е единствено од 17-те во општината до каде нема нормален коловоз, па мештаните само преку летните месеци безбедно патуваат со возила. Во останатите месеци кога има дожд или снег се појавуваат големи дупки па е отежнато движењето.

На прашањето како ќе се справи со проблемот на Луковица, градоначалникот на општината, Блерим Сејдиу, изјави дека како локална самоуправа Желино нема доволно средства за асфалтирање. Се надева на помош од државните институции.

„Ние знаеме дека треба да се гради тој пат. Како што знаете руралните општини немаат сега финансиски сили сами да се соочат со овие проблеми, затоа ние ќе побараме помош од Владата да ни помогнат да го решиме овој проблем, бидејќи на луѓето таму, на учениците и на сите жители им треба тој пат. Го употребуваат секој ден. Ние во најкраток можен рок ќе поднесеме барање до Владата да ни помогнат да го решиме овој проблем“, рече Блерим Сејдиу.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој во една прилика ја посети општина Желино за увид на други инфраструктурните проекти, посочи дека локалната самоуправа има надлежност за помали патни правци. Сепак не ја отфрла идејата и Владата и министерствата да помогнат на општината Желино да го догради патот до Луковица.

„Ако е локален пат, локалните патишта се под ингеренција на општините. Меѓутоа, без разлика, сега можеме со градоначалникот може да видиме ние сме на располагање тука за тоа што може евентуално државата да помогне. Согласно ингеренциите за локална самоуправа за локалните патишта и категоризацијата што ја има во ЈПДП и во локалните патишта се во ингеренции на градоначалникот. Јас ќе направам сè ако можеме дополнително да му излеземе во пресрет, ние разговаравме пред да дојдеме на увид тука да видиме што може реално државата да помогне на општина Желино“, рече Сугарески.

До Луковица се пристигнува со исклучување од автопатот Тетово-Скопје. Околу 13 километри се асфалтирани, сè до месноста Крстец. Од таму до Луковица во должина од 5,5 километри нема асфалт. Поради лошите инфраструктурни услови во селото останале да живеат неколку десетици луѓе.