Достапни линкови

Тетово шири лоша слика за себе


Поглед на центарот на Тетово.
Поглед на центарот на Тетово.

Тетовци се свесни за лошиот впечаток кој го остава градот. Се жалат на нечистотијата, урбанистичкиот и сообраќајниот хаос, загадувањето. Велат дека Тетово е непожелен за повторно доаѓање или престојување на туристи.

Тетово не остава добар впечаток на луѓето кои престојуваат или поминуваат низ градот, а тоа важи пред сè кога се споредува градскиот лик од пред неколку децении и сега. Промените пред сè во зголемениот број објекти и нечистотијата се главните карактеристики кои се забележуваат од оние кои се навраќаат во Тетово.

Сопружниците Наум и Радислава Трифуновиќ, печалбари во Германија ретко доаѓале во посета на роднини. Годинава посебно време посветија на прошетка низ Тетово, да видат каков град оставиле, а како е сега. Тоа го направија со пајтон, како пред многу децении се движеа низ градот за да го доловат сегашното секојдневие и да споредат со она што го оставиле кога заминале.

„Градот е многу изменет. Стариот дел не е изменет, останато е со коцки, нема асфалт. За овој дел, накај плоштад е многу многу изменето и уредено“, вели Наум Трифуновиќ.

„Многу не изненади градов. Порано беше помал, ама беше пошироко. Сега многу е изградено, улиците се стеснети, има автомобили многу. Стариот дел останал по старото“, рече Радислава Трифуновиќ.

И жителите на градот се самокритични дека неповолната комунална хигиена, сообраќајниот и урбанистички хаос го прави Тетово непожелен за повторно доаѓање или престојување на туристи. Дури и за оние кои се на минување нема доволно патокази.

„Нема ни една табла. Таму имаше една на влезот во Тетово, сега ја нема не постои. Кантите со смет ги празнат и ги враќаат назад, мирис има на пет метри, порано ги переа.“

„Чистотијата е катастрофа, катастрофа, најмногу имаме проблем со депонијата, смрдеа ама и контејнерите не се чистат како што треба.“

„Нема што да видат во градот, што ќе видат“, велат дел од анкетираните граѓани.

Веќе неколку години на влезот на Тетово од Скопје посетителите ги дочекува дивата депонија која ѕирка од двете страни на надвозникот. Тетово долги години е познат и по највисокото загадување на воздухот со отровни материи.

Најчести места за туристичка посета во Тетово се објектите од османлискиот период како Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.

XS
SM
MD
LG