Во првите четири месеци од година има рекордно ниска реализација на капитални инвестиции во изминатата деценија. Според податоците од Министерството за финансии, од јануари до април годинава реализирани се капитални инвестиции од 43 милиони евра, што е само 11 отсто од планираните 393 милиони евра за до крајот на годинава. Ако продолжи со ова темпо, до крајот на годинава нема да се искористат ниту половина од планираните пари.
За споредба, во истиот период минатата година имало 104 милиони евра капитални инвестиции, што е 27 проценти од планираните за целата година. Слична е ситуацијата и во претходните години: капиталните инвестиции во првите четири месеци се движат околу 90 до 100 милиони евра, а реализацијата е меѓу 25 и 30 проценти.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано обвинува дека владата собира даноци и се задолжува, а парите не ги трошат за капитални инвестиции. Поранешниот министер за финансии, кој е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески вели дека e очекувано во првата половина од годината, кога се подготвуваат програмите, процентот на реализација да е помал, но не толку мал како што е сега. Тој смета дека ниското ниво на капитални инвестиции се должи на нискиот капацитет на министерствата. Ниското ниво на капитални инвестиции може да го доведе во прашање и планираниот економски раст, вели Славески.
„Во втората половина од годината природно се очекува забрзана динамика на реализација, но ако денот по утрото се познава, не може да очекуваме којзнае каква реализација. Ефектот врз стапката на економски раст ќе биде недоволен и не во онаа мера колку што е проектиран од страна на владата и е очекуван, така што како резултат на владиното трошење во реализацијата на капитални проекти може да се очекува дека растот во Република Македонија нема да биде поддржан во онаа мера во којашто е проектирано и во којашто очекува или посакува Владата на Република Македонија“, вели Славески.
Академик Таки Фити исто така смета дека неспособната администрација е причина за ниското ниво на капитални расходи.
„Немаме доволно способност во јавната администрација за менаџирање на овој тип на инвестиции. Тука е битно ова што претходно беше споменато. Значи, треба добри физибилити студии, треба однапред да се предвидат низа работи внатре во проектите коишто може да ги пролонгираат и да ги поскапуваат проектите“, рече неодамна Фити.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, вели дека е факт дека капиталните инвестиции слабо се реализираат на почетокот на годината „поради неподготвени проекти и неефикасни тендерски постапки“.
„Ние посветено работевме во месец април и во месец мај за нивна реализација и процентите денеска се многу повисоки. Ќе видите на крајот на вториот квартал дека тие ќе бидат повисоки. Јас сум оптимист дека до крајот на годината капиталните инвестиции ќе бидат реализирани над 80 отсто“, рече пред две недели Анѓушев.
Во Буџетот за годинава се предвидени 393 милиони евра за капитални инвестиции, поголемиот дел за изградба на автопатиштата, железницата кон Бугарија, реконструкции на патишта, енергетски проекти...