Тоа што РСЕ ја објави, како што впрочем објавува информации за сè што се случува дома и во светот, реакцијата на СДСМ дека барањето предвремени избори од страна на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на протестниот митинг пред Владата, е блеф, за Зоран Зоко Тодосиев сме „СДС радио, т.е. пропаганда“, а Тони Стојанов порачува дека досега никогаш не победиле на избори, дека „можете да дојдете на власт на нечесен начин како што сте сега, народот ве нејќе и ќе мора да заминете во историјата како предавниците на Македонија“. Кеко Каки Кеко ја прашува опозициската партија: „Бевте 11 години на власт, зарем мора само вие да бидете? Што е е сега, незгодно во опозиција ли е? Е, чекајте малку, трпете и вие, видовме патриотите што направија кога беа на власт, сите бомби што ги слушнавме. Зарем уште толку криминал треба да направат?“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Нашево Радио вршеше директен пренос од протестниот митинг, а посетителите на нашата ФБ страница истуриле коментари, некои со поддршка, некои против неговиот говор. Николче Колевски вели: „Тешко на ВМРО со вакви. Зошто не кажува како ги фрли на улица 132 фамилии од РЕК Битола како директор на ЕЛЕМ?“ Џемаил Латифи, пак, смета дека Мицкоски е „само џокер на криминалците, да знаете дека вашиот воз е заминат, Македонија го фати тој воз а вие како партија го испуштивте“. Башким Азизи прашува: „Која будала оди на митинг и зошто да брани лопови што го искрале сопствениот народ“. Има и постови на поддршка во стилот „Напред ВМРО, паѓа влада, да му кажеме збогум на кодошот Заев!“, или „Браво! Имало и Македонци во Македонија“.
Во неделното интервју на РСЕ со Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата архитекти и член на комисијата за анализа на проектот Скопје 2014, тој вели дека повеќето споменици и објекти се дивоградби, а посетителите на нашата ФБ страница веднаш обвинуваат: „Талибанци во Македонија, како ќе познаеш дека се ЦИА инсталација кога ќе видиш дека рушат споменици“, а Македонка Здравковска порачува: „Земи нешто изгради, а не да рушиш, фатете се веќе за работа, а не само празна слама да мелите“. Дејан Донев ја смирува кавгата меѓу фановите на РСЕ: „Де малку покротко, да нема утре нови ВМРО врховисти, терористи итн. Доста ни е веќе, смирете се еднаш и не го збудалувајте народот“.