Груевски осуден на две години затвор за луксузниот мерцедес

Поранешниот премиер Никола Груевски во Кривичниот суд

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска беше осуден на две години затвор во случјот „Тенк“ на СЈО. Тој е осуден за примање награда за противзаконито влијание за набавката на луксузниот мерцедес. Поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски е осуден на шест години и шест месеци затвор.

Две години казна затвор доби поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на луксузниот мерцедес за 600 илјади евра. Другиот обвинет во случајот, поранешниот помошник -министер во МВР, Ѓоко Поповски, е осуден на шест години и шест месеци затвор.

Груевски, кој е обвинет во уште четири случаи на СЈО, не присуствуваше на изрекувањето на пресудата. Тој е осуден за примање награда за противзаконито влијание. Судијката Добрила Кацарска, образложувајќи ја пресудата, рече дека е неспорно оти Груевски го искористил своето реално влијание како премиер на државата да влијае да се изврши службено дејствие кое не требало да се изврши. Таа порача дека никој не смее да ги потценува и омаловажува граѓаните на начин како што тоа го сторил Груевски, обезбедувајќи си за себе патничко возило за кое не биле информирани граѓаните.

Груевски во случајот беше обвинет дека како премиер побарал од екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да определи лице кое ќе спроведе јавна набавка за ново блиндирано возило, при што се фаворизирала една фирма. Според Кацарска, обвинението не било за потребата од набавка на возилото, туку начинот на кој мерцедесот бил набавен.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Груевски осуден на 2 години затвор, одбраната ќе се жали

Адвокатот на обвинетите во „Тенк“, Димитар Дангов изјави дека силно жали оти Основниот суд Скопје 1 не ја прифатил нивната силна аргументација за донесување ослободителна пресуда, бидејќи не постоеле услови за кривично гонење на ниту еден од обвинетите.

Сигурно сме незадоволни и ќе вложиме сериозна жалба против ваквата пресуда на овој суд“, рече Дангов.

На прашањето зошто Груевски не беше присутен на изрекувањето на пресудата, тој не даде одговор.

Обвинителите од СЈО не дадоа изјава за медиумите. Пред судот беше насобрана мала толпа на граѓани кои изразија незадоволство од пресудата и му дадоа поддршка на Груевски.

На поранешната министерка Гордана Јануколска која исто така е обвинета во случајот ѝ се суди во одделна постапка.